Овој рецепт за леб ми го бараат сите што ме познаваат бидејќи е мек одвнатре, а крцкав однадвор како да го правеле професионални пекари. Не ви треба многу знаење и искуство за да направите вкусен домашен леб, само треба да ги следите овие упатства:




Лебот се замесува како обично тесто од малку состојки, а потоа се остава да кисне додека да стаса. Од оваа количина излегуваат две големи лебови, но треба да ги изедете во рок од 2 дена бидејќи потоа ќе мувлосаат. Домашниот леб мувлосува многу побрзо од купечкиот, но е многу поздрав.




Ако знаете дека нема да изедете толку леб во период од 2 дена тогаш најдобро би било да ја преполовите количината на состојки, ова е еден мој совет до вас. Еве што ќе ви биде потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1,2 кг брашно, 4 мали лажици сув квасец, 2 мали лажици сол, 1 мала лажица шеќер, 100 мл масло, 850 мл топла вода. ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете го брашното. Направете вдлабнатина на средина и во неа додајте го сувиот квасец.




Потоа посолете, додајте го шеќерот и започнете да ги мешате состојките. Додајте го маслото и соединете. На крајот додека полека го замесувате тестото, постепено додавајте од топлата вода. Соединете ги сите состојки во смеса која може да биде леплива на почетокот.




Потоа намастете друг сад со масло и во него префрлете го тестото. Уште малку размесете го за да впие од маслото, па покријте го со проѕирна фолија и оставете да стаса 30 минути на топло место. По изминатото време, премесете го тестото без да го вадите од садот на двапати, на секои 20 минути.




Кога ќе завршите со ваквиот начин на месење, тестото повеќе нема да се лепи. Набрашнете малку работна површина и на неа ставете го тестото. Премесете го уште малку, па поделете го на два еднакви делови.




Секој дел развлечете го посебно со оклагија во правоаголник со дебелина од половина прст. По потреба додавајте брашно за тестото да не ви се лепи на оклагијата. Кога ќе го разлечете тестото, набрашнете го малку, а потоа почнете да го виткате од едната страна како ролат. Добро „сошијте” и прилепете ги краевите каде што завршува тестото.




Истото направете го и со вториот леб, а потоа префрлете ги во плех обложен со хартија за печење, одделени еден од друг. Покријте ги лебовите со проѕирна фолија во плехот и оставете ги да стасаат уште 20 минути. Потоа премачкајте ги со малку млака вода за да имаат крцкава коричка, па направете резови со нож на врвовите.




Печете вкупно 35 минути на 200 степени. Прво печете на највисоката решетка од рерната, а на решетката под неа ставете сад со вода. По 20-тина минути извадете го садот и допечете го лебот. Кога ќе се испече, кората премачкајте ја со уште малку вода и оставете да се излади под крпа. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.