Може да се приготви и во посна варијанта како што предложи нашата драга читателка, наместо млеко да се стави газиран сок од портокал, струмка или по вкус, а наместо јајца да се стави банана или морков (на едно јајце ½ банана или 1 помала). Овој рецепт е доказ дека убавите работи не мора да бидат тешко достапни.
Многу брзо се приготвува, а овој колач можат да го приготват и почетници во кујната. Состојките се матат, јаболката се рендаат и се мешаат во смесата, се пече, а потоа се премачкува со вашиот омилен џем. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 200 г шеќер, 200 мл масло, 200 мл млеко, 200 г мелени ореви, 200 г гриз, 200 г брашно, 2 рендани јаболка (може и повеќе за поголема сочност), 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер, 50 г џем од кајсии и 50 г сечкани ореви
Во соодветен сад пенесто изматете ги јајцата заедно со шеќерот и ванилин шеќерот. Матете додека шеќерот да се растопи а јајцата да згуснат во светла кремаста смеса. Додека непрекинато матите со миксерот, во тенок млаз додајте го маслото, а потоа и млекото.
Во мешавината додајте ги мелените ореви, гризот и брашното кое сте го измешале со прашок за печиво. За овој рецепт најдобро е да користите остро брашно, но може и со какво сакате. На крај додајте ги изренданите јаболка, промешајте и смесата излејте ја во намастен и набрашнет плех (20х35 см).
Печете во претходно загреана рерна на 190 степени до 35 минути (проверете со чепкалка, треба да излезе сува). Печениот колач додека сè уште е топол премачкајте го со џем од кајсии (или некој по ваш вкус) и наросете го со сечкани ореви.
Колачот исечете го на коцки или на штангли и наредете на чинија која претходно сте ја наросиле со шеќер во прав и цимет за арома и вкус. Ако сакате колачот да е сочен, тогаш прелијте го со малку шербет, претходно зготвен и оладен (топол колач со ладен сируп). / Сооlinarika.сom
ВАШИ КОМЕНТАРИ: Коментар на Борјанка Арсова: “Може да се приготви во посна варијанта – наместо млеко се додава струмка (или друг газиран сок), наместо јајца се додава морков и банана, а сето останато е исто”