Оваа торта може да ја приготвувате за родендени и други свечени пригоди, многу едноставно се приготвува, а многу е нежно. Но, ако ја испечете во правоаголен калап можете да ја приготвувате и како колач, за секој ден со кафе или чај. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за калап 18 см): 2 јајца, 130 г шеќер, 70 г растително масло, 170 г брашно, 40 г какао во прав, 3 г прашок за печиво, 3 г сода бикарбона, 130 мл зовриена вода. ЗА ГЛАЗУРА: 30 г путер, 50 мл млеко, 80 г црно чоколадо
ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете ги јајцата и додајте шеќер. Пенасто изматете со миксер додека шеќерот да се растопи и да добиете светла густа смеса. Додека матите во тенок млаз додајте го маслото.
Во сито или во посебен сад измешајте ги сувите состојки: брашното, какаото, прашокот за печиво и сода бикарбоната. Просејте ги во течните состојки и изматете додека да се изедначи смесата. Треба да добиете доста густа и мазна смеса без грутчиња.
Потоа додајте врела вода и полека промешајте додека да се разбие тестото. Матете неколку додека смесата се хомогенизира и целосно се изедначи. Излејте ја во во претходно намастен и набрашнет калап за торти со флексибилен обрач 18 см (или обложен со хартија за печење).
Протресете го и почукнете го калапот за да се распореди смесата еднакво и да излезат евентуалните меурчиња, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 45-50 минути. За време на печењето бисквитот ќе порасне како купола, а на врвот може да се случи да pacпука.
Но, така треба да биде. Откога ќе се испече, оставете неколку минути да се подизлади, па отстранете го обрачот и отсечете го нерамниот врв. Треба да добиете рамен бисквит. Ставете го врз десертна чинија со пресечената страна надолу, а од сите страни под него подметнете парчиња хартија кои ќе ги тргнете после нанесувањето на глазурата.
Парчето што го отсековте почекајте целосно да се олади, па изронете го на поситни парчиња и сомелете го во блендер за да добиете трошки. Со нив ќе се декорира тортата. За глазура: Во едно тенџерче ставете ги путерот и млекото да се загреат на умерена температура.
Не треба да зоврие, туку колку да се растопи путерот. Тргнете од оган, додајте го чоколадото искршено на коцки, па промешајте додека и тоа да се растопи. Со чоколадната глазура прелијте ја целата торта, а од страните налепете ги трошките. Тортата може веднаш да се послужи. Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ.