Ова е многу стар рецепт и верувам дека ќе ви се допадне. Тестото е многу вкусно и меко, а печивата според изворниот рецепт се полнат со компирово пире. Освен компир во филот можете да додадете и кашкавал или сирење или нешто по ваш избор. Затоа, доколку имате компири дома, направете ги овие мекици, нема да се покаете. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за тесто): 250 г урда/ситно сирење, 2 јајца, 3 супени лажици цврст јогурт или кисела павлака, 1 супена лажица шеќер, 2 супени лажици масло, 1/2 лажичка сол, 1/2 лажичка сода бикарбона, 300 г брашно

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за фил): 700 г компири, 1 јајце, 1/2 лажичка сол, 30 г путер, 50 мл млеко, 1 главица кромид, 3 супени лажици масло




ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете ја урдата/сирењето, додајте ги јајцата, посолете, додајте го шеќерот, промешајте и додајте го јогуртот/киселата павлака, сода бикарбоната и маслото, па убаво изматете со виљушка додека да добиете еднолична и мазна смеса без грутчиња од урдата. Ако ви е полесно употребете рачен блендер.




Во оваа смеса започнете постепено да го додавате брашното. На почеткот мешајте со лажица, а потоа тестото замесете го со рака. Тоа треба да биде меко, но да не се лепи. Покријте го со фолија и оставете го да одмори 10 минути.




За тоа време сварете ги компирите излупени и исечени на крупни парчиња. Процедете ги од водата, додајте го путерот, па испасирајте ги. Во компирот додајте ги сите наведени состојки, па промешајте додека да добиете изедначено, мазно пире.

На страна ситно исечкјате кромид, па запржете го на малку масло додека да се карамелизира. Пржениот кромид додајте го во компир-пирето и промешајте. Подготвениот фил тргнете го на страна да се лади.




Тестото поделете го на 12 парчиња, а од секое формирајте топче. Секое топче на малку набрашнета површина развлечете го со оклагија во тркалезна кора, па во средината ставете една полна супена лажица фил. Од двете страни опфатете ги краевите на кората и спојте ги за да се затвори филот.




Формирајте ја мекицата/пирошка со нежно притиснување одозгора за да се развлече со дебелина од еден прст. Постапката повторете ја со остатокот од тестото. Загрејте масло за готвење во тава (1-2 см) на умерена температура, па спуштајте ги мекиците-пирошки.




Пржете ги од двете страни по неколку минути додека убаво да заруменат (контролирајте го огнот во текот на пржењето). Вадете ги врз хартиена салветка. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.