Неколкупати сум правела тортиљи и секојпат се одлични и вкусни, ама секој следен пат испробував нов рецепт затоа што не бев целосно задоволна од претходниот. Излегуваа помалку меки или помалку крцкави, а маната ја наоѓав во тоа што мораше многу, многу тенко да се развлечат, како лист хартија.

Овие тортиљи исто се развлекуваат, но не мора да бидат толку многу тенки. Она што е најважно, излегуваат многу меки, се превиткуваат како сакате, а многу се сочни и вкусни. Мислам дека рецептов е оној вистинскиот. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (рецепт 1): 1 кесичка сув квасец (10 г), 3 чаши (од 200 мл) меко брашно, 2 чаши (од 200 мл) остро брашно, 1/2 чаша млако млеко (100 мл), 1 полна до врв супена лажица шеќер, 1 рамна лажица сол, 1 шолја масло, 1 шолја врела вода (баш врела)

ПОТРЕБНИ РЕЦЕПТ (рецепт 2-со видео презентација): 400 г сенаменско брашно, 1 кесичка прашок за печиво (8 г), 240 мл врела вода, 65 г путер/маст или 60 мл масло, 1 лажичка сол (5 г или по вкус)




ПОСТАПКА: Растворете го квасецот во млако млеко заедно со шеќерот, промешајте и оставете на топло место 10-тина минути за да се активира и запени. За тоа време измерете го брашното, маслото и солта, па сè измешајте. Потоа земете ја врелата вода, па малку по малку додавајте ја во брашното и месете.




Не истурајте ја врелата вода врз рацете, туку во брашното и месете или мешајте со лажица/шпатула. Тестото ќе биде топло. Продолжете да месите додека тестото да стане еластично, за што потребно е да го истресите на работна површина и тука да го доработите. Тестото е масно и не се лепи за работната површина, иако е меко.




Доколку тестото ви се чини дека е тврдо, вратете го во садот и само малку испрскајте го со вода и премесете го. Кога добро ќе се изработи тестото, покријте го и оставете го да стасува половина час на топло место додека да се усвои. Потоа поделете го на 20 еднакви делови (не мора прецизни).




Обликувајте топчиња. Колку се поправилни топчињата, толку тортињата ќе биде потркалезна, иако ниту тоа не е многу важно. Наредете ги топчињата врз набрашнета површина и покријте ги со крпа за да не се сушат.

Ставете тава да се загрева на средна температура. Не треба на многу силна температура за да не изгорат тортиљите. Додека се загрева тавата развлечете две-три тортиљи. Ставете ја првата тортиља, а додека се пече едната страна, развлечете ја втората тортиља.




Развлекувајте ги рака што со прстите наоколку ќе ги истенчите ивиците, па потоа ќе го развлечете тестото, а ова се прави за да не изезат предебели краевите на тестото. Додека се печат на некои места ќе се појавуваат меури, но така треба. Секогаш ставајте ја да се пече онаа која прва сте ја развлекле, па другите ќе имаат време да одморат и да стасаат пред печењето.




Печените тортиљи редете ги во тенџере и затворајте ги со капак, но јас некако заборавив на овој момент, па сепак излегоа извонредни. Вие доколку сакате дополнителна мекост, следете го рецептот. Кога ќе ги печете тортиљите внимавајте на оганот. најдобро е да се започне со некоја температура на средина, па доколку е потребно да се појачува.




Не смее да биде ниту преслаб оганот за да не се пресушат тортиљите од предолгото печење. Се печат по неколку минути од едната и неколку од другата страна, не мерев на часовник, но некаде приближно по две минути. На долната страна треба да се направат ситни кафеави точки. Полнете ги со фил по ваш избор.

Ова беше рецептот на domaсireсeрti.net, а рецептот од видео презентацијата со целата постапка, погледнете ја ОВДЕ. За вториот рецепт: во подлабок сад измешајте ги брашното, прашокот за печиво и солта. Потоа додајте го путерот омекнат на собна температура и добро измешајте го со брашното додека да добиете смеса како трошки.

Во оваа смеса започнете постепено да ја додавате врелата вода (не мора да биде толку врела за да се попарите, но доволно топла за сепак да можете да го месите тестото со рака). Во прв момент тестото ќе биде меко и лепливо, но откако добро ќе го измесите (10-15 минути) тоа ќе стане еластично и меко. Во никој случај не додавајте екстра брашно.

Поделете го тестото на 14-20 топчиња, покријте ги со влажна и добро исцедена крпа, па оставете да одморат 10-15 минути. Потоа земајте едно по едно топче и на набрашнета површина развлечете го во тенка кора. Додека развлекувате 2-3 тортиљи, ставете на умерена температура да се загрева тавата. Ќе почнат да се појавуваат меури, па по 2-3 минути превртете ја и печете уште 2 минути.