Во Јапонија ова се омилените палачинки за појадок, а се послужуваат подеднакво во солена и слатка варијанта. Доколку сте гурман и сакате да испробувате нови и необични рецепти, тогаш обидете се овие палачинки.
Ќе се изненадите колку постапката е едноставна, а единствено се разликуваат во начинот на печење (тавата се поклопува со капак). Можеби според изгледот потсетуваат на американските палачинки, но овие се двојно подебели, а тестото е далеку помеко и попенасто.
Толку многу се привлечни што ретко кој може да им одолее. А пак, со додаток од некој вкусен крем или црвено бобесто овошје, се претвораат во раскошен десерт кој можете да го послужувате и на свечени пригоди.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 лажици брашно (27 г), 1/4 лажичка прашок за печиво (2 г), 1 супена лажица млеко (15 мл), 1/4 лажичка екстракт од ванила, 2 јајца (средна величина М), 2 супени лажици шеќер (24 г). Сите состојки треба да бидат на собна температура. За поголема количина, соодветно зголемете ги состојките.
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете го брашното, прашокот за печиво, млекото и екстрактот од ванила. Потоа од јајцата одвојте ги белките во посебен сад, а жолчките додајте ги во мешавината.
Со жица маталка матете ги жолчките неколку минути додека убаво да се изедначат со останатите состојки и да се добие мазна, хомогена смеса без грутчиња.
Во другиот сад со миксер пенасто изматете ги белките, а потоа започнете постепено да го додавате шеќерот. Непрекинато матите додека шеќерот целосно да се растопи и да добиете цврст снег кој не паѓа од садот.
Потоа започнете постепено да ја додавате смесата од жолчки, но овојпат не ви е потребен миксерот. Мешајте со лажица/шпатула или жицата-маталка, но внимавајте да се сочува пенливоста на смесата.
Потоа целата смеса префрлете ја во готварски шприц (за да направите правилни форми), но можете од смесата да црпите и со лажица (ако имате тркалезни калапи како обрач искористете ги, а можете и сами да направите од хартија). Загрејте нелеплива тава на умерена температура и премачкјате со малку масло (исто како за обичните палачинки).
Потоа со шприцот истиснувајте од смесата, а помеѓу нив во тавата ставете по една лажичка вода и веднаш поклопете со капак додека не испарила од водата. Од водената пареа тие ќе набубрат и ќе се зготват. Почекајте неколку минути, па превртете ги и повторно ставете по една лажичка вода помеѓу нив (вкупно 3).
Поклопете со капакот и печете уште неколку минути. Послужете ги со мед/ јаворов сируп/ крем/ пудинг/ сладолед/ намаз или нешто по ваш вкус. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.