Кремпитата е омилен колач на сите љубители на кремозните колачи со вкус на ванила. Несомнено ова е еден од најпопуларните колачи кој до ден денешен сите го сакаат. На Интернет може да се прочитаат безброј рецепти за приготвување на оваа слатка, во најразлични варијанти.
Во текстот подолу ќе можете да го прочитате стариот рецепт како порано се приготвувала оваа слатка, но и понов рецепт, кој е поедноставен и се изработува од готово лиснато тесто, а за кремот се користи пудинг.
Потребни состојки: 14 жолчки, 200 г шеќер, 2,2 литри млеко, 40 г желатин, 3 кесички ванилин шеќер, 400 г шлаг во прав, 500 г замрзнато лиснато тесто. Постапка: Одмрзнете го лиснатото тесто и поделете го на две кори кои се специјално печени и исечени според калапот (30×40 см или некој со слична димензија).
Горната кора мора да се исече и да се чува надвор од фрижидер до сервирање, во спротивно нема да биде крцкава, туку „тврда“. За кремот измешајте 14 жолчки, 200 г шеќер, литар млеко, три кесички ванилин шеќер и 40 г желатин и промешајте со жица за матење.
Сварете го кремот на пареа да се згусне околу половина час. Внимавајте смесата да не се превари, инаку ќе биде зрнеста. Додека сварениот крем се лади, изматете го прашокот за шлаг со 1,2 литри млеко.Измешајте го ладниот крем и шлагот, мешајте додека да се соединат масите и сипете го кремот во калапот на печената кора.
Одозгора со нож поделете ја тортата на 24 парчиња (три во ширина и осум во должина) и послужете ја со исечен „капак“ од другата кора што не се става во фрижидер. Пред сервирање одозгора наросете со шеќер во прав.
Вториот рецепт не е толку стар, од поново време е, адаптиран за денешни услови кога немате многу време, а сепак сакате да ја направите оваа вкусна слатка. Фотографијата и рецептот се на Билјана Ристиќ. За да ја приготвите кремпитата ќе ви бидат потребни следните состојки:
500 г лиснато тесто (готово тесто може да го купите од поголемите супермаркети), 10 јајца, 4 кесички ванилин пудинг, 200 г брашно или густин, 2 литри млеко, 21 лажица шеќер, 6 кесички ванилин шеќер, 350 мл изматена слатка павлака како шлаг и 50 г шеќер во прав.
Постапка: Лиснатото тесто развлечете го и поделете го на два еднакви делови. Првиот дел испечете го на 200 степени, претходно избоцкан со виљушка на повеќе места. Вториот дел исечете го на коцки и исто така испечете го. Оставете на страна да се лади додека се приготвува филот.
Фил: Прво добро изматете ја слатката павлака со шеќер во прав. Во друг сад изматете 6 жолчки, 4 јајца, 15 лажици шеќер. Кога смесата ќе стане пенаста, додајте го пудингот и брашното со малку млеко. Добро изматената смеса излејте ја во зовриеното млеко и варете на тивко со постојано мешање додека се згусне.
Тргнете од оган и додајте ванилин шеќер и цврсто изматен снег од белки со 6 лажици шеќер. Овој крем полека промешајте го со изматената слатка павлака. Врелиот фил со лажица рамномерно распоредете го врз испечената и изладена кора, а одозгора наредете ги печените и изладени коцки од лиснато тесто. Одозгора наросете шеќер во прав и изладете добро пред послужување.