Чоколадните торти се одлични за слава, а се приближува Свети Јован, па гостите послужете ги со оваа неверојатно вкусна торта. Кремастата чоколадна торта без печење е одлична за оние домаќинки кои сакаат нешто брзо, а сепак убаво да изгледа и вкусот да биде совршен.




Секој залак се топи во уста поради најдобриот фил, но и лесниот бисквит кој е мек и свиленкаст како крем. Ако сметате дека фереро топчињата се премногу за декорацијата, слободно исфрлете ги. Кога ќе дојдат гостите сите ќе ја пофалат тортата и ќе ви побараат рецепт. Еве што е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за бисквит): 200 г мелени бисквити (плазма или кекси по ваш избор), 75 г растопен путер. ЗА ФИЛ: 500 мл слатка павлака (хопла), 350 г крем сирење (маскарпоне, филаделфија, абц…), 150 г растопено чоколадо, 200 г наполитанки, 150 г лешници. ЗА ГЛАЗУРА: 150 г црно чоколадо, 50 мл слатка павлака. ЗА ДЕКОРАЦИЈА: 100 г мелени бадеми, 6 фереро роше топчиња




ПОСТАПКА: Во еден стад измешајте ги мелените бисквити со растопениот путер (путерот растопете го на пареа или во микробранова печка, но не смее да зоврие). Добро соединетете ги додека да добиете смеса со конзистенција на влажен песок.




Оваа смеса е за подлогата на тортата. Истурете ја на дното од калап за торти со пречник од 20 см, обложен со хартија за печење или уште подобро, со стреч-проѕирна фолија. Распоредете рамномерно и натапкајте ја со лажица или дното од чаша.




Одвоено изматете ја слатката павлака додека да згусне, а посебно крем сирењето, па измешајте ги двете смеси. Наполитанките искршете ги поситно и изблендирајте ги, а исто и лешниците, па помешајте ги.




Во филот од слатка павлака и крем сирење додајте го растопеното чоколадо и промешајте за да се изедначи. Од смесата одвојте две лажици во некој помал сад и тргнете на страна. Во остратокот додајте ги помешаните мелени наполитанки и лешници.




Оваа смеса рамномерно распоредете ја врз бисквитната подлога, па калапот одозгора покријте го со проѕирна фолија и оставете во фрижидер да се олади и стегне два часа. Потоа, растопете го чоколадото со слатката павлака на тивок оган (не смее да зоврие) и прелијте ја целата торта.




Тортата украсете ја со мелени бадеми, а оние две лажици фил што ги тргнавте на страна ставете ги во кеса за декорирање, па украсете по желба. на крај ставете ги фереро топчињата. Тортата оладете ја во фрижидер уште еден-два часа. Целата постапка погледнете ја во видеото ОВДЕ.