За сите оние кои не се вешти во приготвувањето на торти, особено на кори со перфектна еднаква дебелина, овој рецепт е одличен за да се испробаат, бидејќи сепак е „киндер“ каде што нема правила.

Корите се приготвуваат со белки, па немора да бидат дури и рамни. Може да ја послужите за роденден или друга пригода, но може да ја направите и кога сакате едноставно да се засладите со добра, домашна и многу вкусна торта.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за прва кора): 5 белки, 150 г шеќер во прав, 1/2 лажичка оцет, 1/2 лажичка масло, 100-150 г сечкани лешници. ЗА ВТОРА КОРА: 5 белки, 5 лажици шеќер, 2 лажици остро брашно (може и скроб),1/2 лажичка прашок за печиво, 100 г мелени лешници




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за фил): 10 жолчки, 6 лажици шеќер, 2 лажици густин, 1 кесичка пудинг со вкус на ванила (40 г), 750 мл млеко, 100 г чоколадо за готвење, 250 г путер, 250 г шеќер во прав, 300 г плазма кекси, 6 лажици нутела, 300 мл слатка павлака (или 3 кесички шлаг)




ПОСТАПКА: Најпрво пригответе го плехот за корите (јас користев тркалезен за торти 18 см): малку намастете го, па обложете го со хартија за печење. Намастете ја малку хартијата одозгора, па на дното рамномерно распоредете 100-150 г истостирани (малку пропржени во сува тава) и исечкани лешници.




Пет белки пенасто изматете ги со миксер додека да добиете снег. Потоа постепено додајте го шеќерот во прав и уште малку изматете. На крај додајте сосем малку оцет и масло, по половина лажичка, и изматете на спора брзина.




Снегот истресете го врз лешниците, распоредете го и ставете да се пече, или подобро кажано, да се суши, во претходно загреана рерна на 130-150 степени околу 1,5 час. Кога ќе се испече оставете ја кората да се суши со подотворена рерна, додека малку да излади, а потоа извадете ја и оставете целосно да се излади. Потоа превртете ја врз десертна чинија како основа и одозгора премачкјате ја со нутела или некој друг лешников крем.




За втора кора: од белките изматете цврст снег со постепено додавање на шеќерот. Матете додека тој целосно да се растопи и да добиете цврст снег кој не паѓа. Во посебен сад измешајте ги брашното/скробот, прашокот за печиво и крупно мелените (претходно истостирани) лешници.




Постепено додавајте ја мешавината во снегот и мешајте со лажица или шпатула, внимателно за да остане воздушеста. Смесата рамномерно распоредете ја во обложениот калап со хартија, па ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 20 минути, односно додека малку да зарумени.




ЗА ФИЛ: Измешајте ги жолчките со шеќерот, пудингот и густинот, па додајте 150 мл млеко и убаво измешајте да нема грутчиња. Остатокот од млекото (500 мл) ставете на оган да зоврие, па додајте ја мешавината со непрекинато мешање на намалена температура додека да се свари и згусне. Оставете целосно да се олади, па соединете го со пенасто изматен путер и шеќер во прав (сите состојки да бидат на иста, собна температура).




Добиениот крем поделете го на два дела, а во едниот дел додајте 100 г растопено и подизладено чоколадо (или нутела). Потоа филувајте ја тортата: врз првата кора со лешници премачкјате тенок слој од нутела, па 1/2 жолт фил, па плазма кекси кратко натопени во млеко, па 1/2 кафеав фил. Тортата ставете ја кратко во фрижидер.




Потоа ставете ја втората кора, премачкјате ја со нутела, па 1/2 жолт фил, па плазма кекси кратко натопувани во млеко, па 1/2 кафеав фил… Следниот ден пред послужување тортата премачкјате ја со изматен шалг/слатка павлака, но ова можете и да го прескокнете, бидејќи тортата ионака е висока. Тортата ја изедовме буквално во еден ден. Рецепт на Кате од katinsрajz.сom