Ми се чини дека овој колач можам да го направам и мижејќи, толку многупати го имам направено. Рецептот ми го даде колешката Злата. Сите рецепти што сум ги добила од неа остануваат засекогаш на моето мени. Овој колач го обожаваат децата, ама и ние возрасните – Зорка.
Викендот е совршен за испробување на нови рецепти, а ако досега не сте ја пробале Јулпитата, време е да ја испробате. Јулишка или Јулпита е старински колач кој доаѓа од Чешка. Оној кој еднаш ќе проба, засекогаш ќе го сака без разлика на возраста. Домаќинките го обожаваат затоа што се подготвува многу лесно и едноставно.
Потребни состојки: 200 г мелени или ситно сечкани ореви. За кора: 8 белки, 8 лажици шеќер, 3 лажици презла, 3 лажици џем од кајсии, 2 полни лажици какао во прав. За фил: 8 жолчки, 8 лажици шеќер, 9-10 лажици брашно, 500 мл млеко, 2 кесички ванилин шеќер, 250 г путер/маргарин, 30 г рум, 2 кесички шлаг, млеко за шлагот.
Постапка: Eден калап или плех со димензии 20х40 малку намастете го и обложете го со хартија за печење, па преку хартијата рамномерно распоредете ги оревите. Подгответе го тестото за кора: Белките пенасто изматете ги со миксер, па постепено започнете да го додавате шеќерот и матете додека тој да се растопи и добиете цврст снег.
Потоа додајте ги презлите и промешајте со лажица или шпатула, па какаото и на крај џемот. Промешајте со лажицата. Може да матите и со миксер но на најслаба брзина (со најмалку вртежи). Добро изедначената смеса излејте ја внимателно преку оревите и израмнете. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени 15 минути.
Печената кора превртете ја врз подлога, така да оревите дојдат одозгора, па внимателно отстранете ја хартијата. Оставете да се олади кората, а за тоа време пригответе го филот. Жолчките изматете ги со шеќерот додека да згуснат и смесата да побели.
Потоа лажица по лажица додавајте го брашното. Оваа смеса додајте ја во половина литар млеко кое претходно сте го ставиле да зоврие на пареа и сте му додале ванилин шеќер.
Ако тенџерето ви е директно на рингла, намалете ја температурата на минимум, но најдобро е кремот да се свари на пареа за да не загори. Матете ја смесата на пареа со миксерот во времетраење од 10 минути. додека убаво да се згусне.
Тргнете го садот од рингла, па додајте путер исечкан на коцки и продолжете и натаму да матите со миксерот додека и путерот да се соедини. На крај додајте рум и промешајте уште малку додека и тој да се инкорпорира. Оставете го на страна да се лади.
Кога филот ќе се олади премачкајте го преку кората. Тортата ставете ја во фрижидер добро да се олади. Украсете ја со шлаг (изматете гои според упатството на кесичката), а одозгора наросете чоколадни трошки. / Зорка / Сооlinarika.com
II ВЕРЗИЈА. За кора ќе ви биде потребно: 6 јајца, 200 г шеќер, 4 лажици какао, 5 лажици мелени ореви и 2 лажици брашно. Постапка: Прво изматете ги пенасто белките со постепено додавање на шеќерот. Кога ќе добиете цврст снег, започнете постепено да ги додавате жолчките една по една, па на крај додајте ги какаото, оревите и брашното. матете додека да добиете изедначена смеса.
Добиената кора излејте ја во плех со средна величина, претходно намастен и набрашнет, па ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 20 минути. за тоа време пригответе го преливот за кората.
За прелив: 150 г шеќер растопете ги и сварете ги во 200 мл млеко. Печената и топла кора прелијте ја со половина од овој врел прелив (топло-топло). Оставете на страна да се олади и пригответе го филот.
За фил: Половина од преливот што ви остана (млекото и шеќерот), 150 г мелени ореви, 125 г путер, рендано чоколадо. Во врелиот прелив додајте ги оревите и оставете целосно да се олади.
Путерот пенасто изматете го па соединете го со изладените ореви. Добиениот фил од путер и ореви рамномерно распоредете го врз изладената кора, а одозгора наросете рендано чоколадо. Уживајте во колачот кој се топи во уста.