Полнета погача, мека и лисната. Многу е вкусна и е полнета со фил од сирење кое дава уште поубав вкус. Се подготвува многу лесно и едноставно. Подготовката е навистина лесна доколку правилно ја дозирате погачата ја следите постапката на подготвување.

Се подготвува за многу кратко време, а се јаде додека е сè уште топла. Убава е и кога ќе се подизлади ама кај нас дома не се случило да остане бидејќи сите многу ја сакаат, а најмногу децата.




Потребни состојки: 600 – 650 г брашно, 300 мл млако млеко, 150 мл масло, 1 јајце, 40 г свеж квасец, 1/2 супена лажица сол, 1 супена лажица шеќер. За фил: 250 г ситно сечкано или издробено сирење, 1 јајце.

Постапка: Најпрво квасецот иситнете го на мали парчиња во подлабок сад. Во него додајте мала количина од млакото млеко, шеќерот и поголема лажица брашно. Убаво се меша смесата и се остава квасецот на собна температура да се активира 7 – 8 минути.




По изминатото време, додајте го јајцето и промешајте го да се разлее жолчката. Потоа додајте го маслото и повторно промешајте. Во мојот случај беше потребно околу 6 минути да се активира квасецот.

Потоа постепено додајте го останатото брашно и млакото млеко. Солта додајте ја на крајот и започнете да го замесувате тестото со рака додека да се соедини и да стане меко и нелепливо под прсти.




Тестото се остава во садот и се поклопува со проѕирна фолија или крпа да стаса околу 30 минути. За ова време тестото треба двојно да се зголеми. По изминатото време, префрлете го тестото на рамна набрашнета површина.

Размесете го уште неколку секунди, но не повеќе за да не се стврдне. Од оваа количина пресечете помал дел (1/3) и ставете го на страна, а со поголемата половина продолжете да ја месите.




Поголемата половина (2/3) развлечете ја со оклагија на набрашнета површина и постепено додавајте брашно при развлекувањето. Развлечете тенок правоаголник со дебелина помала од 1 см.

Во меѓувреме, во садот со издробеното сирење додајте 1 јајце и размешајте го во сирењето. Сирењето треба да добие форма на крем сирење, а потоа прелијте го врз целата површина од тесто која претходно ја развлековте.




Откога ќе го ставите филот на тестото започнете со превиткување на едната страна од тестото (помалата страна) превиткајте околу 2 цм кон внатрешноста. Истото повторете го и со спротивната помала страна.

Од едната страна со поголемиот дел започнете да ја превиткувате погачата како валјак кон нејзината спротивна страна. Преостанатото тесто (1/3) кое претходно го пресековте размесете го малку и развлечете го со оклагија во правоаголник исто како и претходното тесто.




Помалото развлечено тесто започнете да го сечете со н ож по средината. Не го пресекувајте тестото да се одвои едно од друго, туку на средината направете помали пресеци кои не завршуваат на краевите.




Помеѓу секој пресек оставете простор од 1 см. Почнете да ги истегнувате пресечените делови така што првиот пресечен дел ќе го вметнете во вториот како да плетете плетенки од тестото како хекла. Продолжете со постапката додека да стигнете до крајот од тестото. Процесот е успешен доколку од двете страни започнат да се формираат две вериги по должината на тестото.




Венецот кој го сплетовте ставете го на валјакот од првото тесто по цела негова должина. Погачата пренесете ја во кружен сад со хартија за печење и краевите од тестото спојте ги едно со друго.

Погачата треба да биде во кружна форма, а во средината да има простор. Мене ми остана уште малку тесто кое исто така го развлеков со оклагија, а од него ќе направам машна за погачата да биде уште подекоративна.




Развлечете го тестото во форма на правоаголник со оклагија и со н ож дефинирајте ја формата. Потоа пресечете на пресек по должина на половина, а едниот крај од двете половини пресечете ги на кусо.

Со пресечените делови формирајте валјак, а двете долги половина залепете ги на валјакот. Овој процес не е неопходен, но јас секогаш сакам да го искористам цело тесто и погачата да изгледа убаво и привлечно.




Во сад разматив 1 јајце со неколку капки масло, а со оваа смеса премачајте го тестото. Машната ја ставам на делот каде што се спојуваат двата краеви од тестото со помош на јајцето.

Во претходно загреана рерна, печете ја погачата на 180 степени од 35 – 45 минути со повремено проверување. Ако погачата започне да румени на површината, поклопете ја со хартија за печење додека да се испече внатрешниот дел. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.