Едностен колач-пита со јаболка, се приготвува многу лесно, па можат да ја направат и почетници во кујна. Според изгледот наликува на ypаган, па оттаму и нејзиното име. Оваа пита се приготвува без путер и масло, па затоа е многу лесна за јадење. Јаболката во комбинација со пудингот ја прават сочна и кремаста. Еве што е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за крем): 1 јајце, 50 г шеќер, 15 г скроб/нишесте/густин, 250 мл млеко, 1 чајна лажичка екстракт од ванила. ЗА ТЕСТО: 2 јајца, 100 г шеќер, 100 мл млеко, 200 г брашно, 13 г прашок за печиво, 1 чајна лажичка екстракт од ванила, 2 јаболка, и уште шеќер во прав за наросување
ПОСТАПКА: Во еден сад пенасто изматете едно јајце со 50 г шеќер и 15 г скроб/нишесте. Матете со жица-маталка (или миксер) додека шеќерот да се растопи и да добиете кремаста, светла смеса. Додајте 250 мл млеко, па повторно измешајте додека да се изедначи.
Смесата ставете ја на оган и загревајте на умерена температура со непрекинато мешање додека да се свари и згусне. Потоа тргнете го садот на страна, додајте една лажичка екстракт од ванила, промешајте и оставете на страна да се олади (повремено промешувајте за да не се создаде коричка).
Две јаболка излупете ги, исчистете ги од семките, па исечете ги на тенки плочки, а потоа и на половина (со големина од залак). Исечканите јаболка ставете ги во некој подлабок сад и одозгора прелијте ги со исцеден сок од половина лимон за да не потемнат.
Во подлабок сад скршете две јајца, додајте 100 г шеќер, прстофат сол, па пенасто изматете додека шеќерот целосно да се растопи и да добиете светла, кремаста смеса. Додајте една лажичка ванилин екстракт и 100 мл млеко.
Повторно изматете со миксерот за да се изедначи. Во 200 г брашно додајте 13 г прашок за печиво, па промешајте. Потоа просејте го и додајте го во смесата со изматени јајца. Изматете со миксерот додека течните и сувите состојки да се соединат во компактна, хомогена смеса.
Додајте ги исечканите јаболка и промешајте со шпатула за да се распоредат рамномерно. Калап за торти или тепсија за пити со пречник од 28 см обложете ја со хартија за печење, на дното и страните.
Распоредете ја смесата во калапо и израмнете. Сварениот пудинг-крем ставете го во готварска кеса, па истиснете го врз колачот во вид на полжав, започнувајќи од средината. Повторете ги линиите за да бидат поизразени.
Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу половина час. Печениот колач оставете го да се олади на решетка, а потоа отстранете ја хартијата за печење. По желба одозгора наросете шеќер во прав. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.