Најмеките крофни со рендано јаболко во тестото кои даваат oдличен вкус и арома. Сите беа воодушевени од вкусот и мекоста и се прават без јајца и млеко. Може да се печат во рерна или да се пржат, секако пржените го имаат тој оригинален вкус.




Но, јас сепак одлучив да ги правам во рерна, бидејќи на тој начин се поздрави, не се толку мacни, a истовремено сакав да пробам нешто ново и навистина, крофничките подготвени на овој начин, се исто многу вкусни.




Потребни состојки: 1 јаболко, околу 800 г брашно, 40 г свеж квасец, 2 лажички шеќер, 2 кесички ванилин шеќер, половина кафена лажичка куркума (опционално), 100 мл масло, 350 мл млака вода, 1 кафена лажичка сол. И уште ќе ви треба шеќер, цимет, ореви ако сакате да ги наросувате.




Постапка: Излупете го јаболкото и изрендајте го на ренде. Оставете го настрана додека го подготвувате тестото. Во подлабок сад издробете го свежиот квасец и измешајте го со шеќерот и ванилиниот шеќер.




Во смесата може да додадете половина лажичка куркума, но секако ова е опционално, доколку не сакате може да го изоставите овој чекор. Измешајте ги состојките и додајте го маслото и водата.




Додајте го изренданото јаболко и измешајте, па на крајот додајте го брашното со малку сол. Формирајте меко и фино тесто, нелепливо под прсти и оставете да стаса во садот кој го подготвувавте.




Кога ќе се надигне малку размесете го и оставете го на работна површина покриено со крпа да отстои уште 5 минути. Потоа развлечете го со оклагија со дебелина од 1-1,5 прст (како што е прикажано на видеото подолу).




Не го развлекувајте многу тенко за при печење крофничките да ви успеат. Земете една ракиена чашка и вадете кругчиња од тестото и редете ги на плех со хартија за печење. Секако крофничките може да ги правите и поголеми по желба, но имајте на ум дека тие ќе пораснат при печење.




Да знаете дека излегуваат навистина многу, така што ќе треба да ги печете на два или трипати. Пред да се стават на печење се оставаат уште 5 минути да одморат, па тестото се премачкува со масло и вода и се наросуваат со цимет по желба.




Се печат само 20 минути додека да поруменат и да фатат коричка, на 200 степени. По печењето уште еднаш се премачкуваат со вода на собна температура за да бидат крцкави и веднаш се валкаат во шеќер и мелени ореви. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.