Некои ги нарекуваат кифли, а некои кроасани. Не е ни важно бидејќи се превкусни и толку ровки што се топат во уста. Ги правам редовно, а особено за празници кога сите постат, а сакаат да јадат нешто благо и вкусно. Рецепт на Кујната на Маријана.
Се подготвуваат од само неколку состојки за 5 минути, а потоа се печат уште 20 минути. Потребни состојки: 300 мл масло, 150 мл топла вода, 1/2 лажичка прашок за печиво, 1 кесичка ванилин шеќер, 700-750 г брашно, џем по потреба.
Постапка: Во подлабок сад ставете го маслото, додајте ја топлата вода, прашокот за печиво, ванилиниот шеќер и брашното. Сите состојки добро измешајте ги во еднолична смеса, а кога ќе почне да се формира тестото преминете на месење со рака.
Замесете фино и меко тесто, нелепливо под прсти и поделете го на три еднакви делови. Секој дел развлечете го со оклагија во круг, што потенко и исечете на 8 парчиња како за пица.
На поширокиот крај од секое тесто ставете малку џем по ваша желба и од истата страна почнете да ги виткате кроасаните. Вака подготвени редете ги на плех со хартија за печење.
Најверојатно ќе треба да ги печете на 2 или 3 пати бидејќи излегуваат навистина многу.
Се печат во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 20 минути, а потоа се наросуваат со шеќер во прав и се послужуваат. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ. Посни пивски кифли со џем од кајсии, прелиени со шербет и валкани во кокос.
Многу вкусни кифлички кои се топат во уста. Потребни состојки: 600 г брашно, 1 прашок за печиво, 200 мл масло, 200 мл пиво, околу 200 г џем од кајсии или по желба.
ЗА СИРУП: 400 г шеќер, 10 г ванилин шеќер, 200 мл вода. И уште: 100 г кокос за валкање на кифлите.
Постапка: Брашното просејте го во сад за месење, па додајте прашок за печиво, масло и пиво. Замесете мазно тесто кое не се лепи. Нема потреба да го оставате да одмора, бидејќи не содржи квасец за да стасува.
Измесеното тесто веднаш поделете го на 8 делови, а потоа секој дел поделете го на 4 помали. Вкупно треба да добиете 32 парчиња. Работната површина нема потреба да ја наросувате со брашно, бидејќи тестото не се лепи.
Формирајте топчиња, а секое топче со оклагија развлечете го во овална кора. Едната половина засечете ја повеќе пати, а на другата половина ставете малку џем, па свиткајте ја кифлата.
Повторете ја постапката со преостанатото тесто. Кифличките редете ги на плех обложен со хартија за печење.
Печете ги во претходно загреана рерна на 180 степени, додека убаво да заруменат, околу 30-тина минути. Во меѓувреме сварете сируп од вода, шеќер и ванилин шеќер. Варете го од моментот кога ќе зоврие, уште 10-тина минути.
Печените и малку подизладени кифлички натопувајте ги во сирупот, па вадете ги со решеткаста лажица.
Валкајте ги целите во кокосово брашно. Кифлите се многу поубаво откако ќе отстојат два-три дена, па ако сте во можност, темпирајте го времето кога ќе ги правите. Кифличките е најдобро да се чуваат во метална кутија за колачи.