Коцки од Чоколино намаз, портокали и крем баначиња ќе биде „топ“ колач за најмладите кога ќе го откријат. За да им биде уште послатко, дозволете им колачот да го приготвуваат заедно со вас, а нивниот ангажман нека биде пропорционален со нивната возраст. Еве што е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 кесички пудинг од ванила, 2 лажици остро брашно, 2 лажици скроб/нишесте/густин, 100 г шеќер, 1 литар млеко, 250 г путер, 200 г Чоколино намаз (нутела, еурокрем или друг лешников намаз), 5 крем бананчиња, 100 г чоколадо, 700 г кекси, сок од 2 портокали, 2 кесички шлаг пена, 250 мл млеко
ПОСТАПКА: Содржината од пудинг кесичките истресете ја во еден сад, па додајте брашно, густин и шеќер, па разматете со малку млеко додека да добиете мазна, изедначена смеса без грутчиња. Остатокот од млекото ставете го на оган.
Кога ќе зоврие, тргнете го тенџерето на страна и намалете ја температурата на огнот. Во врелото млеко додајте ја разматената смеса со пудинг, па вратете го тенџерето назад и варете го со непрекинато мешање додека убаво да се згусне. варете околу 1-2 минути.
За побрзо да се олади сварениот пудинг можете да го претурите во друг сад и да го прекриете со проѕирна-стреч фолија, или пак, промешувајте го повремено додека целосно да излади, за да не фати коричка на површината.
Пенасто изматете го путерот претходно исечкан на ленти и омекнат на собна температура, па започнете постепено во него да го додавате изладениот пудинг. Двете состојки мора да бидат на иста собна температура. Изматете добро додека да се соединат, па смесата поделете ја на три еднакви делови.
Во првиот дел додајте го лешниковиот намаз (чоколино, нутела…), па промешајте додека да се изедначи во еднолична чоколадна смеса, во вториот дел додајте исечкани крем бананчиња, а во третиот дел додајте рендано чоколадо.
Кексите кратко натопувајте ги во сокот од портокал и редете ги на подготвен плех (обложен со хартија или фолија). Врз првиот ред бисквити распоредете го првиот крем, израмнете, па наредете го вториот ред бисквити. Врз нив распоредете го вториот крем и израмнете.
Потоа наредете трет ред кекси, и на карј третиот крем. Израмнете ја тортата. Содржината од кесичките со шлаг пена (или шлаг крем) истресете ги во ладно млеко од фрижидер, па изматете со миксер додека да згусне и да добиете цврст снег. Шлагот премачкјате го врз колачот, па добро изладете (најдобро преку цела ноќ) во фрижидер пред сечење. / Сооlinarika.com