Рецепт на Ивана. Ви благодарам на сите што ги испробувате моите рецепти и ви посакувам среќни новогодишни и божиќни празници.
Уживајте во рецептите кои веќе се објавени, но и во оние кои ќе се објавуваат во иднина. Задоволство е да се готви со вас… Еве што е потребно за овие меки и многу вкусни „чупавци“ на малку поинаков начин:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за еден бисквит, а треба да се направат два): 2 јајца, 50 г шеќер, 1 лажица масло, 1 лажица врела вода, 70 г брашно, 1 лажичка прашок за печиво.
ЗА ФИЛ: 2 јајца, 80 г шеќер, 100 г чоколадо, 200 г путер. ЗА ПРЕЛИВ: 200 мл млеко, 200 г чоколадо, 30-40 г шеќер, 100 г путер. И УШТЕ: 200 г ореви, 200 г кокос. (НАПОМЕНА: Не мора да правите фил, може едноставно да користите нутела).
ПОСТАПКА: Веднаш вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени. Пенасто изматете две јајца, а потоа започнете постепено да додавате 50 г шеќер и матете додека шеќерот целосно да се растопи. Потоа додајте 1 лажица масло и една лажица врела вода. Промешајте со шпатула.
Во изматените јајца додајте 70 г брашно и една мала лажичка прашок за печиво. Промешајте додека смесата да се изедначи и да нема грутчиња (може и со миксер), а сепак да биде пенаста и воздушеста. Подгответе го големиот плех од рерна и обложете го со хартија за печење.
Добиената смеса излејте ја во плехот, распоредете и израмнете. Можеби ќе ви се чини дека е премалку тесто, но кората мора да биде тенка за да може да се витка.
Ставете да се пече во загреаната рерна на 180 степени, 10 минути. Бисквитот треба да остане светол, па затоа не чекајте да зарумени, не смее да се препече. Десет минути се доволни.
Оставете ја кората малку да се подизлади во плехот, а потоа извадете ја, па започнете да ја приготвувате втората кора, потполно на ист начин како и првата.
Додека корите се ладат, вие пригответе го филот. Може да го прескокнете овој чекор, па корите да ги премачкате со нутела или некој друг лешников крем, или со џем доколку повеќе ви одговара.
ЗА ФИЛ: Во еден сад пенасто изматете две јајца со 80 г шеќер. Матете со миксер додека убаво да се растопи шеќерот и смесата да згусне.
Потоа смесата ставете ја врз тенџере со пареа, но така што пареата нема да навлегува во јајцата. Гответе ги со постојано мешање околу 5-6 минути. Кремот е готов, кога ќе стане леплив помеѓу прсти.
Во зготвената смеса, додека сè уште е топла, веднаш додајте 100 г чоколадо искршено на коцки и мешајте додека тоа целосно да се растопи и соедини.
Потоа оставете го 10-тина минути да се олади, а потоа додајте го путерот омекнат на собна температура и заедно изматете ги додека да се соеиднат (кремот и путерот мора да бидат на собна температура).
Филот поделете го на два еднакви дела. Премачкајте ја кората, исечете ги краевите за да се израмни, па поделете на 5 долги ленти кои потоа ќе ги исечете на три дела.
Вкупно ќе добиете 15 правоаголничиња. Секое свиткајте го во ролничка. Постапката повторете ја и со втората кора.
ЗА ПРЕЛИВ: Во едно тенџере ставете 200 мл млеко, 200 г чоколадо искршени на коцки, 30-40 г шеќер по вкус, 100 г путер.
Загревајте на умерена температура додека сите состојки да се растопат и соединат во мазна и сјајва глазура. Оставете на страна 10-тина минути за да се разлади.
Потоа со помош на виљушка потопувајте ги ролничките во чоколадниот прелив, добро протресете за да истече вишокот чоколадо, па веднаш додека е влажно, валкајте ги во кокос или во мелени ореви. Оставете на страна да се стегнат, па можете да ги послужите. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.