И претходно објавивме сличен рецепт, а овој се чини дека е уште подобар од претходниот. Сите што го испробаа беа воодушевени. Во филот од компири може да се додаде и ситно сечкан млад кромид и билки по вкус, па ќе добиете перфектно вегетаријанско јадење. не пропуштајте го овој рецепт, еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 2 мали шолји брашно (140 г), 1 мала лажичка сол (4 г), 1 мала шолја млеко (90 мл), 10 г путер (една лажица). ЗА ФИЛ: 2 компири со средна величина, 3 чаши вода (600 мл), 2 супени лажици мајонез (30 г), 300 г чедар или друг вид кашкавал
ПОСТАПКА: Сите состојки за тестото треба да бидат на собна температура. Ставете ги во еден подлабок сад, па со рака замесете тесто, додека состојките да се соединат и да добиете компактно мазно тесто кое не се лепи на рака.
Тестото е средно меко, нешто потврдо од вообичаено. Завиткајте го во проѕирна фолија и оставете го во фрижидер да се лади еден час. За тоа време глутенот ќе се отпушти, а тестото полесно ќе се работи.
За тоа време сварете ги компирите во вода во која сте додале малку сол, а потоа испасирајте ги за да добиете пире. Во пирето додајте го мајонезот па промешајте додека да се впие. Тргнете го на страна, па извадете го тестото од фрижидер.
Оладеното тесто ставете го врз мазна работна површина, палку сплескајте го со дланките, па развлечете го со помош на оклагија додека да добиете тркалезна, тенка кора. Во средината на кората ставете половина од кашкавалот.
Врз кашкавалот рамномерно распоредете го пирето од компири. Врз пирето наросете го остатокот од ренданиот кашкавал, па малку притиснете со рацете за да се залепи кашкавалот за компир пирето.
Потоа започнете со прстите да ги зафаќате краевите од тестото во вид на фалти, додека убаво да го спакувате во голема топка. Потоа топката со филувано тесто превртете ја (спојките да бидат долу), па со помош на рацете малку итапкајте го. Развлечете го малку со оклагијата со големина на тавата во која ќе се пече.
Нелеплива тава ставете на рингла, намастете ја со малку маслиново масло, па загрејте на умерена температура и ставете го тестото да се пече. Со прстите проверете дали добро допира на сите страни.
Кога ќе забележите дека од долната страна започнува да заруменува, наросете малку маслиново масло одозгора и премачкјате преку цела површина со помош на кујнска четка. Потоа превртете го тестото со помош на поголема чинија/тепсија или капак и испечете ја другата страна. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.