Постојат некои правила во народните обичаи кои во голем дел се подзаборавени, а кои порано се почитувале со огромна почит. Наближија новогодишните празници, па дојде време кога сите размислуваме за јадењата кои ќе ги приготвиме за празничната трпеза. Еве неколку интересни факти кои се забележани во народните обичаи и верувања, пишува НМД.мк
БОГАТА ТРПЕЗА. Целта на поставувањето на богата новогодишна трпеза не е само да нè нахрани, туку секое јадење треба да биде внимателно одбрано бидејќи со себе носи одредена симболика на среќа, напредок и благосостојба.
Покрај веќе традиционалната pycка салата, свое место на трпезата треба да најдат и свинското печено месо, салата од зелка, свечена торта, риба, но и новогодишно грозје, а еве зошто:
ГРОЗЈЕ. Грозјето пред сè е симбол на здравје и сила, па затоа се препорачува да изедете точно 12 бобинки грозје после полноќ, по едно за секој месец, за да бидете здрави секој месец во наредната година. Во некои краишта се приготвува и специјален ликер за оваа намена.
Рецептот е стар и обично се користи за подготовка на ликер на грозје. Но, постои верување кај народот дека вака приготвеното грозје има магична симболика и служи за среќа на домот. Теглата со грозје се отвора точно на полноќ кога ќе отчука Новата година.
Ништо комплицирано, ништо напорно, се редат зрната грозје и се поросуваат со шеќер, а потоа се прелева со домашна ракија. Секој што е на трпезата зема по едно зрно грозје за среќа и бериќет во Новата година. За оваа намена се користи бело грозје, но доколку сакате да приготвите ликер, тогаш можете да користите било какво грозје.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 стаклена тегла, бело грозје, 5 лажици шеќер и 500 мл домашна ракија. ПОСТАПКА: Во чиста стаклена тегла со капак кој добро затвора, се редат зрна од бело грозје.
Се наросуваат со пет супени лажици шеќер и се прелева до врв со домашна ракија. Се затвора убаво теглата и се чува на ладно во подрум или шпајз. Се отвора точно на Нова година и секој зема по едно зрно за да има среќна и бериќетна година.
РИБА. Бидејќи Божиќните пости траат и за време на новогодишната ноќ, па сите што постат треба да ја имаат рибата на празничната трпеза. Освен тоа, рибата симболизира непречено движење, движење без пречки, па навестува лесна година во која ќе „пливаат“ сите работи.
СВИНСКО МЕСО. Свинското месо е симбол на изобилство и богатство. САЛАТА ОД ЗЕЛКА. Поради својата зелена боја ја симболизира хармонијата на природата и среќата, како и долговечноста.
СВЕЧЕНА ТОРТА. Поради самата структура, која содржи многу шеќер, колачот е симбол на сладост. Погрижете се вашата торта да биде што е можно побогата со состојки за да има што повеќе сладост во наредната година.
ЗАБОРАВЕТЕ НА ПИЛЕШКОТО. Она што во никој случај не се препорачува на новогодишната трпеза е месото од пердувести животни, бидејќи тие имаат крилја, па ја симболизираат среќа што заминува. Според народните верувања, со јадење на пилешко месо токму на новогодишната ноќ, се дозволува „одлетување“ на среќата од домот.