Едноставна кремаста принцес торта, а некои ја нарекуваат еклер или карпати торта поради височинките на тестото. Секој што јадел еклери или принцес крофни му се познати вкусот и изгледот на овој колач претворен во торта. Ќе ви претставиме две верзии на овој колач, а вие одберете кој повеќе ви одговара: едниот е повеќе „принцес“, а другиот „еклер“.
РЕЦЕПТ 1 – ПРИНЦЕС ТОРТА. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 150 г брашно ( 1 ½ чаша), 100 мл вода ( ½ чаша), 100 мл млеко ( ½ чаша), 80 г путер ( 1/3 чаша), 4 јајца, 1 лажичка прашок за печиво, ½ лажичка сол. За крем: 500 мл млеко, 150 г шеќер (1 ½ чаша), 100 г брашно (1 чаша), 2 јајца, 180 г путер (3/4 чаша)
ПОСТАПКА: Во тенџере на тивок оган ставете 80 г путер да се растопи, па додадете 100 мл млеко и 100 мл вода. Додадете половина лажичка сол. Во 150 г брашно додадете една лажичка прашок за печиво и промешајте.
Кога ќе почне да врие, во тенџерето постепено давајте го брашното и постојано мешајте додека да ја впие целата течност и да се формира тесто кое се одвојува од ѕидовите на садот.
Свареното тесто оставете го на страна целосно да излади. За тоа време вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени. Едно по едно додавајте ги јајцата и мешајте ги во тестото додека да се соединат со него.
Калап за торти со обрач 25 см обложете со хартија, па истурете половина од тестото и рамномерно распоредете го. Ставете да се пече на 200 степени, на средно нискиот дел од рерната, околу 20 минути.
Не ја отворајте рерната за време на печењето. Печеното тесто оставете малку да излади, па отстранете го обрачот и отстранете ја хартијата. На ист начин испечете ја и втората кора.
За крем: Две јајца изматете со виљушка и додадете 150 г шеќер, а потоа постепено додадете и 100 г брашно. Промешајте добро, да нема грутчиња. Во смесата додадете 500 мл млеко, па ставете на оган и сварете го кремот со постојано мешање додека да згусне.
Оставете целосно да излади, а потоа соединете го со пенасто изматен путер. Добиениот крем излејте го врз првата кора, поклопете со втората кора. Може да се јаде и веднаш, но подобар е ако се остави во фрижидер да излади околу 2 часа. Одозгора наросете шеќер во прав. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Следниот рецепт за еклер торта не мора воопшто да се лади.
РЕЦЕПТ 2 – ЕКЛЕР ТОРТА. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ДВЕ КОРИ: 4 шолји вода, 2 шолји масло, 1 мал прстофат сол, 4 шолји брашно, 1/2 лажичка прашок за печиво, 6 јајца за изладеното тесто.
ЗА ФИЛ: 600 мл млеко, 3 пудинг од ванила, 8 лажици шеќер, 2 ванилин шеќер, 250 г путер / маргарин, 150 г шлаг крем, 10-15 крем банани и 100 г чоколадо
Во поголем сад налеваме 4 шолји вода, 2 шолји масло и мал прстофат сол. Ставаме на оган да зоврие а во меѓувреме измерете 4 шолји брашно во кое ќе додадете прашок за печиво колку на врв од лажичката (половина лажичка).
Кога ќе зоврие течноста тргнете ја на страна и постепено со постојано мешање додајте го брашното. Намалете го огнот на средна температура и вратете го садот за да се довари, додека да се формира како топка и да се одвојува од ѕидовите на садот. Цело време го мешате.
Свареното тесто префрлете го во пластичен сад за побрзо и полесно да излади, но повремено промешувајте го за да не фати коричка. Додека се лади тестото го приготвуваме филот:
ЗА ФИЛ: Од 600 мл млеко одвојуваме малку за да го размешаме пудингот, а остатокот го ставаме на оган со 2 ванилин шеќери и 8 лажици шеќер. Кога ќе зоврие млекото се вари пудингот и се префрла во друг сад за побрзо да излади, па исто како тестото се промешува повремено за да не фати коричка или покријте со проѕирна фолија.
Во изладеното тесто додаваме едно по едно вкупно 6 јајца додека цело време матиме со миксер со спирални продолжетоци.
Смесата ја полниме во кеса со модла за тулумби и ја истиснуваме во плех обложен со хартија, во вертикални линии една покрај друга (или кружници за тркалезен калап), а потоа со лажица ги спојуваме празнините и израмнуваме за да добиеме рамна кора.
Кората се пече околу 15-тина минути во загреана рерна на 200 степени и за цело време не смее да се отвора рерната. Постапката се повторува уште еднаш за втората кора.
Во изладениот пудинг постепено се додава пенасто изматениот путер со постојано миксање додека да се спојат и на крај додаваме 2-3 полни лажици шлаг кој претходно сме го изматиле.
Во кремот додадете сечкани крем банани или свежи банани по избор. Редење: кора – фил – кора. Одозгора можете да премачкате со малку тенок слој фил и да прелиете со топено чоколадо или едноставно наросете шеќер во прав. Постапката погледнете ја во видеото ОВДЕ.