„Панетоне“ е традиционален италијански сладок леб кој обично се приготвува за Божиќ или Нова година. Потекнува од Милано, а оттаму рецептот е пренесен насекаде низ Европа и Америка.
Има облик на купола, што значи дека за негово печење се користи помал, но подлабок калап, а во последно време има и специјални хартиени калапи (со пречник од 12-15 см), токму за овој колач од 1 кг.
Овој рецепт е една негова поедноставена верзија, па секој што има блендер може да го пшриготви. Во слаткиот леб се додаба суво овошје и кандирано овошје во зелена и црвена боја, за да биде подекоративен и да асоцира на новогодишните/божиќните празници. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 120 г шеќер, 10 г сув квасец, 120 г путер омекнат на собна Т, 250 мл млака/собна Т вода, 1 лажичка екстракт од ванила, 500 г брашно, 200 г сечкано кандирано овошје, 150 г суво грозје или брусница, 1 лажица скроб/нишесте/густин, 1 лажица путер (20-30 г)
ПОСТАПКА: Во поголем блендер ставете 3 јајца, 120 г шеќер, 10 г сув квасец, 120 г путер омекнат на собна Т, 250 мл млака/собна Т вода, 1 лажичка екстракт од ванила. Сето се мати во блендерот (витамикс) 2 минути (или со миксер нешто подолго, додека да се добие хомогена смеса.
Течната смеса префрлете ја во подлабок сад каде ќе може убаво да се промеша, па започнете постепено да додавате 500 г брашно. Мешајте со лажица или шпатула додека да се добие мазно, полутечно меко тесто.
Оставете го на страна да стасува на топло додека да го удвои својот волумен, а за тоа време подгответе го сувото овошје. На страна измешајте 200 г кандирано овошје по желба (сечкано на ситни коцки), 150 г суво овошје и 1 лажица фино мелено бело пченкарно брашно или скроб/нишесте.
Промешајте убаво за да се распореди скробот на секое парче (за да не се лепат меѓусебно). Мешавината од суво овошје додајте ја во стасаното тесто и промешајте за да се распореди рамномерно.
Смесата ставете ја во намастен калап со обрач (или ако имате специјален калап од хартија за 1 кг) или тенџере обложено со хартија за да може да се извади.
Во средина од тестото направете засек со кујнски ножици и тука ставете една лажица путер (20-30 г), оставете го уште малку да стаса, па ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени, 45 минути. Оставете да се олади, па отстранете ја хартијата и по желба одозгора наросете шеќер во прав.