Ова е од оние рецепти за посни торти кој со својата едноставност ве воодушевува, а истовремено добивате колач кој е многу вкусен, па можете да го приготвувате за секој ден, но и за свечени пригоди и слави. Секогаш цела се изедува зошто сите бараат по уште едно парче, дури и оние кои не постат.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: (За плех со димензии 27х18 см) – За кора: 3 шолји (од 200 мл) брашно, 2 лажички прашок за печиво, 2 шолји газирана вода (400 мл), 3 лажици какао во прав, 10 г ванилин шеќер (1 кесичка), 100 г шеќер, 3 лажици џем, 6 лажици масло.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ФИЛ: 2 лажички нес кафе + 50 мл топла вода, 3 лажички шеќер, 10 г ванилин шеќер (1 кесичка), 200 г газирана вода + 100 г шлаг, 100 г посно црно чоколадо + 3 лажици масло.
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете 3 чаши брашно и додајте 2 лажички прашок за печиво. Помешајте и додајте 400 мл газирана вода, па промешајте со шпатула или уште подобро, со миксер. Додека матите/мешате, постепено додајте 100 г шеќер, 10 г ванилин шеќер, 3 лажици какао, а потоа и три лажици џем.
Промешајте и 6 лажици масло. Добиената смеса поделете ја на три еднакви делови, приближно по три кутлачи за секој дел. Од сите три дела треба да испечете три кори. Првиот дел излејте го во помал калап со димензии 27х18 см, претходно обложен со хартија. Израмнете и протресете.
Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 15-20 минути. Печената кора извадете ја од рерната, а после неколку минути извадете ја од калапот. Плехот повторно обложете го со хартија за печење, па во него излејте ја втората смеса.
И оваа и следната кора печете ги како и претходната. Кога ќе се испечат корите, редете ги една врз друга, отстранете ја хартијата за печење и одозгора покријте ги со мокра крпа за да се сочува влажноста, па така оставете ги додека да се оладат.
Во помал сад ставете две лажички нес кафе, додајте три лажички шеќер и прелијте со 50 мл топла вода. Измиксајте со маталка додека шеќерот да се растопи, а кафето да запени и малку да згусне.
На страна изматете 100 г посен шлаг во прав со изладеното нес кафе, 10 г ванилин шеќер и 200 мл газирана вода. Добиениот шлаг поделете го на два дела, но оставете и малку за декорација на целата торта.
Ставете ја првата кора па филувајте со шлаг, израмнете и поклопете со втората кора. Филувајте со шлаг, израмнете и ставете ја третата кора. Тортата оставете ја во фрижидер најмалку на еден час да се стегне, а исто така и шлагот што го тргнавте на страна за декорација.
Потоа пригответе ја чоколадната глазура: искршете го чоколадото на коцки, додајте 3 лажици масло, па растопете го на тивок оган/пареа или во микробранова печка. Глазурата прелијте ја врз третата кора, па оставете ја тортата во фрижидер да отстои преку цела ноќ. Следниот ден декорирајте со шлагот. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.