3 ТРАДИЦИОНАЛНИ ПОСНИ КОЛАЧИ: Задолжителен дел од трпезата за Свети Никола се и посните колачи…
Ви предлагаме да подготвите три традиционални десерти за Свети Никола кои можат да траат со денови и секој ден да имаат подобар вкус:
БАКЛАВА. Потребни состојки: 1 пакување кори за баклава; 500 г ореви; малку шеќер; 200 г суво грозје; 200 г посен маргарин. За прелив: 1 литар вода, 1 кг шеќер; 1 цел лимон.
Постапка: Измешајте ги мелените ореви, шеќерот и сувото грозје. Потоа на плех ставете ја кората за баклава и посипете ја со мешавина од ореви, шеќер и суво грозје.
Потоа ставете уште една кора и редете додека целосно да се потроши материјалот. Потоа баклавата исечкајте ја на ромбоиди и прелијте ја со топол растопен маргарин. Баклавата се пече околу 20 минути во загреана рерна на 200 степени.
Во меѓувреме се прави сирупот: Во тенџере со вода се става шеќерот и се остава да зоврие и да се растопи. Потоа во него се додаваат кришки сечен лимон и се остава целосно да се олади.
Прелијте ја топлата баклава со шербетот и оставете неколку часа на собна температура додека добро да го впие сирупот.
БАЈАДЕРИ. Потребни состојки: 300 г посни мелени бисквити; 200 г мелени ореви; 250 г шеќер; 1 ванилин шеќер; 10 лажици вода; 200 г посен маргарин; 150 г посно чоколадо за готвење. За глазура: 200 грама темно чоколадо, 3 лажици масло.
Постапка: Во тенџере ставете ги шеќерот и ванилиниот шеќер, додајте вода и варете додека да зоврие. Се трга од оган, па се додава маргаринот и се меша додека да се растопи. Додајте ги мелените бисквити и мелените ореви и убаво измешајте.
Смесата се дели на два дела, на едниот се додава растопено чоколадо за готвење, а другиот останува жолт. На правоаголниот плех нанесете го кафеавиот, а потоа жолтиот дел. Ставете во фрижидер да се стегне.
За глазура: растопете ја чоколадата со маслото и прелијте ја тортата со врелата глазура. Кога колачот ќе се стегне, се сече на стапчиња и се сервира. Следниот рецепт е вистинско изненадyвање и набрзо стана xит:
ОРАСНИЦИ. Потребни состојки: 300 г мелени ореви, 250 г посен маргарин, 600 г шеќер во прав, 300 г брашно, 1 прашок за печиво.
Јас ги направив од: 250 г мелени ореви, 250 г маргарин, 250 г шеќер во прав, 200 г брашно и 1 кесичка прашок за печиво.
Постапка: Рачно измешајте ги шеќерот во прав и маргаринот, претходно отстојан на собна температура. Потоа додајте ги мелените ореви, брашното и прашокот за печиво. Месете ја смесата додека да почне да се одвојува од садот.
Со смесата полнете ги до половина калапите за кифлички или модли за мафини, а можете и рачно да ги обликувате и печете 10-15 минути на температура од 160-180 степени, да останат со светла боја.
Можете и вие самите да ги обликувате орасниците во облици по желба. По желба, пред печење, орасниците може малку да се посипат или валкаат во ситно сечкани ореви.