Обландите се старомоден десерт кој сите го обожаваме, особено чоколадните. Се прават лесно и едноставно и ги има толку многу различни. Сега пробајте ја оваа моја посна верзија и гарантирам дека ќе ви се допадне нејзиниот вкус.




Потсетува на тоблероне, а посебно вкусот на бајадера во обланди. Нешто преубаво што ќе си го правите и деновите кога нема да се пости. Потребни состојки: 1 пакување кори за обланди (5 обланди), 400 г шеќер, 8 лажици вода, 150 г посен бисквит, 150 г мелени ореви, 250 г посен маргарин, 100 г чоколадо.




За вториот фил: 100 г сува брусница, 100 г суво грозје, 300 г џем или слатко од смокви, 1/2 сок од лимон. За глазура: 200 г чоколадо, 4 лажици масло, 3 лажици какао во прав, 1 лажица маргарин и мелени ореви за наросување.




Постапка: Измешајте ги сувото грозје и брусницата и прелијте го со топла вода. Оставете да отстојат 10 минути додека го подготвувате филот и малку да набубрат. Подготовка на првиот фил: Во тенџере на рингла ставете го шеќерот и додајте 8 лажици вода.




Промешајте и почекајте да се растопи шеќерот, па додајте го посниот маргарин, мелените ореви и бисквити. Смалете ја гинлата на најниска температура и гответе 30 секунди до 1 минута додека да се формира еднолична смеса.




Поделете го филот на два еднакви делови. Едната половина треба да остане во тенџерето кое сте готвеле и во неа доддајте го чоколадото и почекајте да се растопи. Доколку филот малку ви се оладил, тогаш повторно вклучете ја ринглата на кратко колку да се растопи чоколадото.




Вака добивате две еднакви смеси, една бела и една црна. Потребно е целосно да се оладат па потоа да ги премачкате на корите од обланди бидејќи доколку ги премачкате додека се уште топли, обландите ќе ви станат жилави.




За вториот фил: Процедете ги од водата сувото грозје и брусницата. Во нив додајте 300 г џем или слатко од смокви и измешајте до соединување. Доколку смесата е премногу густа, тогаш во неа исцедете сок од еден лимон за малку да се разреди.




Кога првиот фил ќе се олади земете една обланда со рапавата страна одозгора за премачкување. Премачкајте со чоколадниот фил и убаво распоредете. Одозгора ставете втора кора која треба да ја премачкате со половина од филот од суво грозје и брусница.




Третата кора се премачкува со белиот фил, а четвртата со втората половина од овошниот фил и се завршува со празна кора одозгора. Ставете нешто тешко врз обландите и оставете ги така 2-3 часа на собна температура.




По изминатото време, прелијте одозгора со чоколадна глазура и ставете ги во фрижидер да отстојат преку ноќ. Може да исечете помали правоаголници-бајадери и да ги замрзнете за кога ќе ви затребаат. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.