Според составот на состојките овие крофни се посни, но доколку сакате можете да ги замесите и со млеко. Излегуваат доста, па јас секогаш приготвувам половина од дадениот рецепт.
Можете да ги сечете помали или поголеми, во зависност од вашата желба, да ги полните со посен фил или едноставно само да ги наросите со шеќер во прав. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл млака вода (може половина обична вода, половина газирана вода), 1 коцка свеж квасец (40 г), 2 супени лажици шеќер, 2 кесички ванилин шеќер (20 г), 100 мл масло, 1 кесичка пудинг со вкус на ванила, рендана кора од еден лимон, 1 лажичка сол, 1 супена лажица рум или ракија, околу 1 кг просеано брашно (се додава постепено)
ПОСТАПКА: Во длабок сад ставете ја млака вода, квасецот, шеќерот и ванилин шеќерот. Промешајте со дрвена лажица додека да се растворат состојките и оставете 5-10 мин да се запени. Потоа додајте ги маслото, румот, прашокот за пудинг, ситно рендана кора од лимон и повторно промешајте.
Откако добро ќе ја изедначите смесата, започнете во неа постепено да го додавате просеаното брашно. На почетокот мешајте со лажица или шпатула, а на крај замесете со рака. Тестото покријте го со кујнска крпа или со стреч-проѕирна фолија.
Потоа садот затворете го во кесе и оставете го на топло место да стасува (околу 45 минути) додека убаво да го удвои волуменот. Стасаното тесто истресете го на набрашнета работна маса, па лесно премесете го.
Со помош на оклагија од тестото развлечете кора со дебелина од 5-8 мм, па вадете кругови со чаша или модла (големина по избор). Крофничките редете ги врз кујнска крпа малку наросена со брашно (или друга површина), па покријте ги одозгора со кеса или крпа за да не се сушат.
Вака потребно е да ги оставите да одморат 15-20 минути. За тоа време наполнете некое пошироко тенџере со длабоко масло и ставете го на рингла да се загрева на умерена температура.
Крофничките се пржат на следниот начин: се спуштаат во врелото масло со горната страна, а долната страна на која лежеле треба да биде свртена нагоре.
Потоа веднаш поклопете со капак и оставете да се пржат неколку минути додека да заруменат. Потоа тргнете го капакот, превртете ги крофничките и повторно поклопете уште само една минута, па тргнете го капакот. После превртувањето може и воопшто да не го ставате капакот.
Испржените крофнички вадете ги врз хартиена салфетка за да се впие вишокот маснотија. Оставете малку да подизладат, па одозгора наросете ги со шеќер во прав или полнете ги посен ванилин крем.