Колач ЕЛИЗАБЕТА – Не се пече и не се вари, готов е за 15 минути, се топи во уста
Приготвувањето на колачот трае 15 минути и веќе после 1-2 часа можете да го послужете како колач или како торта. Од оваа количина ќе добиете торта од 20-тина парчиња.
Потребни состојки: 400 г кисела павлака 20% мм, 200 г шеќер во прав, 1 кесичка ванилин шеќер, 200 г мелена плазма, 100 г млечно чоколадо со јагоди или малини, 300 г кекси петит со путер, 100 мл сок од портокал за натопување на кексите, 100 г малини или овошје по желба, 100 г шлаг крем.
Постапка: Киселата павлака со 20% млечни масти изматете ја и соединете ја со шеќерот во прав. Додајте 1 ванилин шеќер и промешајте. Во смесата додајте и 200 г мелена плазма, па убаво соединете. Чоколадото со малини или јагоди исечкајте колку можете поситно, па додајте го во смесата и промешајте.
Кексите натопувајте ги во сокот од портокал и редете ги како основа во плех со димезнии 28х18 см. Врз редот бисквити нанесете половина од филот, израмнете, а врз филот рамномерно распоредете приближно 100 г сечкани малини.
Одозгора наредете втор ред бисквити, претходно кратко натопувани во сок од портокал. Одозгора нанесете ја втората половина од филот, израмнете, па рамномерно распоредете сечкани малини.
Наредете го и третиот ред бисквити, кратко натопувани во сок од портокал. 100 грама шлаг изматете го според кесичката и премачкајте го колачот. Декорацијата завршете ја со мелени бисквити, ореви, чоколадо или по желба.
Изладете го колачот во фрижидер 1-2 часа пред да го сечете. Деталите околу приготвувањето можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ, а во продолжение може да прочитате уште еден рецепт за лу-дило плазма колач со мерки на чаша.
II РЕЦЕПТ. Печен плазма колач – Лу-дило од колач, задолжително пробајте го – превкусен е (мерки на чаша). Веднаш ќе го засакате овој колач и често ќе правите поради неговата едноставност, се мери со чаши и не може да погрешите.
Не мора да чекате колачот да излади со часови во фрижидер, туку може да го послужите и само после еден час ладење. Не е премногу сладок и одличен е за сите љубители на плазма вкусот. За мерење се користи јогуртна чаша од 180-200 мл.
Потребни состојки: 2 јајца, 1 чаша шеќер, 1 чаша брашно, 2,5 чаши мелени плазма бисквити, ½ кесичка прашок за печиво, 2 чаши млеко, 1 чаша масло, 1 супена лажица какао, плех 20х30 см.
За глазура: 150 мл слатка павлака, 100 г чоколадо или премачкајте само со Нутела или некој друг крем и наросете обилно со мелена плазма. Колачот се пече 40 минути на 180 степени во претходно загреана рерна.
Постапка: Најпрво одвојте ги белките од жолчките, а потоа цврсто изматете ги со постепено додавање на шеќерот додека да добиете цврст и сјаен снег. Потоа во изматениот снег од белки додајте ги жолчките, па уште малку изматете со миксерот. Додајте го маслото, млекото и промешајте.
На страна промешајте ги сувите состојки: во брашното додајте го прашокот за печиво, а потоа просејте го. Додајте и какао, па уште малку изматете, а на крај додајте ја мелената плазма. Изедначете.
Смесата е малку поретка од вообичаено, но така треба да биде, после печењето се добива многу сочен колач. Обложете го плехот 20х30 см со хартија за печење, па во него излејте ја смесата, протресете и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени, 40 минути.
Додека се пече бисквитот, направете ја глазурата: во помал сад искршете го чоколадото и додајте слатка павлака, па на многу тивок оган растопете додека да се соединат (внимавајте да не ви зоврие).
Печениот биксвит извлечете го од хартијата, а потоа вратете хо во плехот каде се печеше и прелијте го со глазурата. Одозгора наросете го обилно со мелена плазма. Деталите од постапката може да ги погледнете во видеото ОВДЕ.