2 ПОСНИ РОЛАТИ со овошје, брзи за 5 минути, а во смесата оди сè по 4, во многу вкусен фил. Рецепт на Лета од Летина Кујна. Вакви посни ролати се моите најомилени десерти бидејќи воопшто не ми прават тешко на стомакот..




Се прават со сезонско овошје, но најмногу ги правам овој период од годината. Со киви и мандарини, нема повкусни. За смесата сите состојки одат по 4, а пудингот се прави класично и после се премачкува и се реди овошјето.




Следните состојки одат двојно, значи посебно се прават двата ролати, но наизменично. Потребни состојки: 400 г посни мелени бисквити (400 г за едниот ролат и 400 г за другиот), 4 супени лажици какао х2, 4 супени лажици мед х2, 40 мл  растопен посен маргарин х2 и 8 банани (4 за едниот ролат и 4 за вториот).




За пудингот: 500 мл сојно млеко, 1,5 кесичка пудинг од слатка павлака, 3 супени лажици шеќер, 70 г посен маргарин и 4 киви и 8 мандарини во зависност од големината на ролатот.




Постапка: Во две поголеми вангли ставете по 400 г мелени посни бисквити. Додајте по 4 супени лажици какао во секој сад. Потоа додајте го медот, растопениот маргарин и измешајте.




Бананите исечете ги на коцки и изблендирајте ги. Половина од смесата оди во едниот сад, а половина во другиот. Убаво се соединуваат и двете смеси во фино тесто. За пудингот: Во тенџере ставете го млекото да се зоврие.




Одземете неколку лажици од неговата количина и измешајте ги со пудингот од слатка павлака. Во млекото кое сè уште се зоврива додајте го шеќерот и промешајте. Во зовриеното млеко додајте го пудингот и гответе додека да се згусне со повремено мешање.




Ставете го пудингот настрана добро да се излади. Потоа изматете го со миксер и во него додајте го посниот маргарин и повторно изматете. Земете едно од тестата и ставете го на работна површина со хартија за печење.




Одозгора ставете уште една хартија и со оклагија развлечете во правоаголник со дебелина од половина прст. Кога ќе формирате правоаголник и со нож малку пресечете ги краевите за да се израмнат.




Премачкајте ја кората со половина од пудингот и на почеток наредете ги мандарините една до друга во ред оставајќи малку простор на почетокот за да може да го свиткате ролатот, како што е прикажано на видеото подолу.




Го виткате ролатот и убаво го затегате во хартијата за печење. На истиот начин го подготвувате и ролатот со киви. Ролатите се ставаат во фрижидер да се стегнат околу 2 часа, а потоа се послужуваат со сечење на помали парчиња. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.