Многу е едноставна и брзо се приготвува. Вкусна е, децата ја обожуваат, а и возрасните не се рамнодушни. Пробајте, ќе ви се допадне. Ќе ви претставиме два интересени рецепти:

Потребни состојки: 2 пакувања пишкоти (или друг вид на бисквити), 200 мл млеко за натопување на пишкотите, 1 литар млеко за фил, 12 лажици шеќер, 3 пудинг од ванила, 1 лажица брашно, 200-250 путер или маргарин, 24 парчиња манчмалоу, 2 поголеми банани и 200 г шлаг за декорација




Постапка: измешајте 800 мл млеко со 12 лажици шеќер и ставете на оган да зоврие. Трите пудинзи со една лажица брашно изматете ги во 200 мл млеко додека да добиете изедначена смеса без грутчиња, па постепено додајте ја во зовриеното млеко со постојано мешање.




Доколку е потребно потргнете го тенџерето на страна или намалете ја температурата. Мешајте додека да се згусне филот. Потоа тргнете го на страна додека да излади (покриен со фолија), а потоа додајте му го путерот претходно омекнат на собна температура и заедно изматете ги со миксер.




Од купечките манчмалоу одвојте го долниот дел од белиот дел (користете тенок и ocтар нoж). Ова направете го со сите 24 колачиња. Филот поделете го на 2 дела. Едниот оставете го жолт, а во вториот дел ставете ги издробените темни бисквити од сите 24 манчмалоа и изматете за да се изедначи смесата.




Пишкотите кратко натопувајте ги во млеко и редете ги на тацна, потоа врз нив распредете го темниот фил, па бананите исечкани на тркалца. Врз бананите распоредете го жолтиот фил, а потоа наредете ги белите делови од манчмалоата во шест редови по четири парчиња.

Изматете шлаг и декорирајте со шприц помеѓу манчмалоата и околу тортата. Се сече на коцки. Рецепт на Бојана. А следниот рецепт на Рада е исто така, многу интересен:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ х 2 (за една кора, а потребни се две): 5 белки, 5 лажици шеќер, 50 г мелени ореви, 2 лажици брашно, половина лажиче прашок за печиво, малку рендана кора од лимон. ЗА ФИЛ: 10 жолчки, 3 кесички пудинг од ванила, 1 лажица брашно, 1 кесичка ванилин шеќер, 250 г шеќер, 700 мл млеко, 250 г маргарин/путер. И уште: 20-24 манчмалоу колачи и 200 г шлаг.




ПОСТАПКА – На следниот начин пригответе ги двете кори: во подлабок сад изматете пенасто белките со постепено додавање на шеќерот. матете додека тој да се растопи и да добиете цврст снег. Потоа додајте ги мелените ореви, брашното, ренданата кора од лимон и малку прашок за печиво, па промешајте со лажица или шпатула.




Откако добро ќе ги соединете состојките, потребно е да добиете воздушеста смеса. Рамномерно распоредете ја во обложен калап со средна величина или тркалезен калап за торти 26 см и ставете да се пече 10-15 минути во загреана рерна на 200 степени. Постапката повторете ја за да добиете две кори.

(За плех 25х40 потребни се 32 манчамалоа, на пример, што значи може да се користи калап со различни димензии со тоа што тортата ќе биде повисока или пониска, но и бројот на манчмалоата ќе се промени).




ЗА ФИЛ: Одвојте еден дел млеко и помешајте го со пудингот, брашното и жолчките. најдобро е оба да се измати со миксер за да нема грутчиња. Остатокот од млекото ставете го да се свари со шеќерот, па штом зоврие додајте го пудингот и со непрекинато мешање сварете го додека да се згусне.




Филот оставете го на страна целосно да се олади, па во него додајте путер на собна температура и изматете со миксер додека да се соединат во нежен крем. Филот поделете го на два дела. Манчмалоата треба да се одлепат, така што ќе го одвоите пенастиот бел дел од тврдиот-бисквитниот.




Сите бисквити изронете ги со рака и додајте ги во едниот дел од филот, а вториот оставете го жолт. Шлагот посебно изматете го со газирана вода (користете нешто помала количина од наведената на кесичката за да добиете погуст шлаг. Потоа редете: кора – кафеав фил – пенастиот бел дел од колачите, па жолт дел, па шлаг. Изладете пред послужување.