„Има многу рецепти за гулаш, но на мајка ми и е омилен токму овој“, вели Александра на нејзиниот канал Мојата Мала Кујна. „Не велам дека ова е оригиналниот или вистинскиот рецепт, но ете мајка ми вака ни го подготвувала и многу е вкусно.




Месото се топи во уста бидејќи се динста во многу вкусен сос. Ова јадење се готви долго и трпеливо. Не постои брз начин за да се направи добар гулаш. Можеби тоа брзо јадење ќе биде многу вкусно, но никогаш нема да биде гулаш.”




Потребни состојки: 1 кг јунешко месо, 500-800 г кромид, 50 г путер, 1 чешне лук, 1/2 лажичка ким, 4 ловорови листови, половина чаша бело или црвено вино, црвена слатка пиперка, црн пипер по вкус, сол, 1 коцка за јунешка супа, 2 лажици концентрат од домати (паста), 300 мл врела вода.




Постапка: Во едно тенџере ставете го путерот на рингла да се растопи. Додајте го ситно исечканиот кромид на коцки. Кромидот само малку посолете го и динстајте на ниска температура додека да стане стаклест.




Додека кромидот се крчка промешајте го само неколку пати. Во стаклестиот кромид се става месото, исечено на средни парчиња и оставете да се динста околу 5 минути. Во посебен сад направете ја водата за гулаш со зачините.




Изронете една јунешка коцка, мала лажичка сладок црвен пипер, 2 лажици доматен концентрат, околу 300 мл врела вода и околу 15 г сол или по вкус. После 5 минути динстање на месото, додајте половина лажичка ким, ситно исечканото чешне лук и половина чаша бело или црвено вино.




Тенџерето со месото поклопете го со капак и оставете да се крчка уште 20 минути. После 30 минути додајте црн пипер по желба и половина од подготвената вода за гулаш. Вака гответе околу 1 или 1,5 час.




По изминатото време додајте ја и втората половина од водата и ловоровите листови и гответе уште 1 или 1,5 час. Гулашот послужете го со компир или ориз. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

II РЕЦЕПТ. Гулаш од свински врат: Многу повкусен отколку од бут или плешка, месото е порастресено, се топи во уста. Гулашот приготвен од свински врат е многу повкусен отколку ако се приготвува од бут или плешка. Месото е порастресено и попрошарано со тенки слоеви маснотија, која во текот на готвењето се топи, а на гулашот му дава побогат вкус.




Потребни состојки: 1,5 кг свинско месо од врат со коска, 700 г кромид, 1 полна лажица црвен мелен пипер, ½ лажичка црн пипер, 1 лажица сув зачин, ½ лажичка сол, неколку листови ловоров лист и магдонос.

Постапка: Кромидот исечкајте го или сомелете го, но не премногу, да не добиете каша, туку да има ситни парчиња. На кромидот додајте лажица сув зачин и 2 чаши вода, па ставете на оган да се свари.




Кога ќе проврие намалете ја температурата на умерено, на еден агол од тенџерето ставете дрвена лажица и поклопете со капак (да остане малку простор за да може пареата да излегува надвор).

Додека кромидот се динста откостете го месото па исечете го на коцки. После 10-15 минути динстање, на кромидот додајте му го месото, долејте вода да биде 2 прста над месото, па на умерен оган гответе околу еден час. Повремено промешувајте и долевајте вода по потреба.




Подобро е да има помалку вода, па ако има потреба ќе додадете уште малку пред крај. После еден час додајте црвен пипер, црн пипер, ловоров лист, магдонос, малку вода ако е потребно и оставете полека да крчка на тивок до умерен оган.

Вкупно време на готвење на гулашот е околу 2 часа, во зависност од староста на месото. Пред крај пробајте, па ако е потребно досолете. Топлиот гулаш послужете го со тестенини, палента или њоки.