Кога еднаш ќе ги направите овие пица ролнички, сигурно постојано ќе ги подготвувате кога ќе ви дојдат гости, а најмногу за детските родендени затоа што се мали печива и можат да ги јадат додека играат со другарчињата.

Покрај тоа, од оваа количина излегуваат многу печива, а доколку не се изедат сите може да ги замрзнете, па понатака да ги извадите кога ќе ви требаат. Тестото е меко како пена, а вкусот како да јадете вистинска пица.




Потребни состојки: 700 г меко пченично брашно (тип 450, 480 или 500), 400 мл топло млеко, 100 г јогурт, 50 г путер, 10 г сув квасец (1 и пол кесичка) или 30 г свеж квасец (2/3 коцка), 1 лажица шеќер и 1 лажица сол.




За филување: 400 г доматен сос или кој било друг сос со доматна база, 400 г моцарела, и зачини по желба. Постапка: Во подлабок сад ставете го брашното и направете мала вдлабнатина на средина.




Во таа вдлабнатина ставете го квасецот и малку од топлото млеко. Млекото треба да биде топло кон млако, не зовриено и се додава малку од вкупната количина колку да се раствори со квасецот. Промешајте.




Потоа додајте ја солта, шеќерот, цврстиот јогурт.. Јас користам доста цврст јогурт кој има поголема масленост. Додајте го путерот, претходно отстојан на собна температура и преостанатото топло млеко.




Овие состојки накратко промешајте ги за да се соединат, ќе се формира полутесто кое ќе биде лепливо. Покријте со крпа или нешто друго и оставете да надојде 15 минути на собна температура. После тоа време, размесете го тестото со додавање на брашно по потреба додека стане фино и меко.




Повторно се остава тестото да стаса, но овој пат 30 минути исто на собна температура во која што е топло. Потоа тестото се става на набрашнета работна површина и лесно се развлекува со оклагија на сите страни со дебелина од 3 мм.




Никогаш не го притискајте тестото многу со оклагијата. Со тестото треба да се работи лесно и нежно, како и со сè друго. Потоа тестото се сече на еднакви делови, во ленти. Прво се започнува во средина, па потоа од средина на двете страни и така сè додека да ја постигнете посакуваната големина.




Јас пресеков 24 еднакви делови за пица ролнички. Потоа тестото се премачкува со сос од домати, а може да користите каков сакате. Користам доматен сос кој вчера го направив за пица, па тоа што ми остана го ставив во пица ролничките.

За доматен сос: Во тавче на ниска температура ставив маслиново масло и пропржив ситно сечкано лукче. Потоа го додадов доматниот сос и оставив малку да се крчка. Може да ставите и пикантен сос, но ако ги правите овие пица ролнички за дечиња тогаш најдобро е да користите класичен.




Преку доматниот сос изрендајте 400 г моцарела или било кој друг кашкавал по ваш избор. Завиткајте ги лесно пица ролничките без притискање и редете ги на плех обложен со хартија за печење.




Оставете да стасаат уште 30-тина минути на собна температура, а потоа печете ги во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 20 минути во зависност од јачината на рерната. По желба наросете сусам.

На овие ролнички во филот исто така може да им додавате: горгонзола, лута пиперка, колбаси, сланина или било кој друг додаток по ваша желба. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.