Поздрав драги мои пријатели, почитувани домаќинки и домаќини. Во тек се посните денови од Божиќниот пост, па така, можете да го испробате овој рецепт, па доколку ви се допадне пригответе го за Свети Никола или за Бадниковата вечера.

Ова е верзијата на еден старински рецепт за приготвување на грав кој специјално се приготвувал за Свети Никола, а рецептот потекнува од мојата баба.




Единствено што променив во рецептот е тоа што наместо обично масло јас користев маслиново и додадов црн пипер кој таа најверојатно не го употребувала. Сето останато е според нејзиниот рецепт, барем така ми го има пренесено мајка ми. Од мојата мајка научив неколку верзии за приготвување на грав за нашата слава, но оваа од баба ми најмногу ми се допаѓа.




При една неодамнешна средба со монахињата од блиското село Лесковац, имав можност да и‘ пренесам неколку мои рецепти, меѓу кои и овој, па се надевам дека веќе ги има испробано и дека и се допаѓаат. Верувам дека ќе ви се допаднат и вам, па затоа ако сте љубител на гравот или ако постите, испробајте го и вие. Еве што е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг бел грав, 1 главица кромид, 1 страк праз, 10-15 суви црвени пиперки, 200-250 мл масло, 5-6 чешниња лук, црн пипер, сол, црвена зачинска пиперка, лута пиперка по вкус.




ПОСТАПКА: Еден килограм грав потопете го во вода од претходната вечер. Тој ќе набубри и многу полесно и побрзо ќе се свари. Потоа ставете го големо тенџере или лонец, па додајте ситно исечкана главица кромид и еден цел страк праз. Прелијте го гравот со вода, два-три прста над него и додајте малку масло околу 15-20 мл.




Најпрво вклучете го гравот на најсилна температура, а штом зоврие намалете го огнот на најтивко и гответе до долго додека да омекне, но зрната да останат цели. Сварениот грав процедете го и оставете го да се олади, најпрво на собна температура, а потоа и во фрижидер.




Во друг посебен сад потопете ги сувите црвени пиперки и сварете ги додека да омекнат. Потоа процедете ги, и оставете ги да се оладат, исто како и гравот. На овој начин всушност се прави резерва од гравот, од каде си земате колку што ви е потребно. Ова е корисно, бидејќи за Свети Никола обично се слави два, а некогаш и три дена.




Сварениот и процеден грав испасирајте го, но не со блендер туку со преса за компир. Сварените црвени пиперки можете ситно да ги исечкате заедно со лушпата, а доколку не ја сакате лушпата, едноставно изгребајте го внатрешниот мек дел, или пак целосно сомелете ги во блендер.




Во една тава ставете да се загрева маслото, а за тоа време зачинете го гравот со сол (2-3 лажички) и црн пипер. Во загреаното масло запржете ги малку иситнетите црвени пиперки, нешто слично како готвите ајвар, односно додека пиперките да го впијат маслото, околу 5 минути.




Врелите пржени пиперки заедно со маслото прелијте ги преку испасираниот грав, па промешајте и соединете. Потоа вкусете па додајте сол ако е потребно. Смесата распоредете ја во соодветни садови или чинии и одозгора наросете ситно сечкан лук и наросете црвена зачинска пиперка и по вкус лута пиперка.




Пред само послужување, вака подготвениот грав прелијте го со малку зовриено масло. Остатокот од смесата што нема да ја послужувате веднаш, покријте ја со фолија и чувајте ја во фрижидер. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видео презентацијата на Валентина Машковиќ ОВДЕ.