Прв рецепт – Многу вкусна и мека како душа: ПИТА ЕЛКА – Едноставна подготовка. Фотографиите и рецептот се на Ралица Маринова (од 100 грама љубов). Многу вкусно печиво, меко како душа, но исто така, многу декоративно. Не пропуштајте да ја направите оваа елка од најмекото тесто и да ги израдувате најмилите за новогодишните празници.




Прочитајте колку едноставно се приготвува. Потребни состојки: 20 г свеж квасец (1/2 коцка), 200 мл млако млеко, 1 лажичка шеќер, 1 лажичка сол, 100 г кисело млеко (на собна температура), 3 јајца (1 жолчка е за премачкување), 3 лажици масло и 700-800 г брашно.




Тесто за украсни снегулки: 1 лажица сол, 1 лажица нишесте (скроб), 3 лажици брашно и малку вода за потврдо тесто. За премачкување: 1 жолчка, 2 лажици масло, 2 лажици млеко. За наросување: црн сусам/ким/чиа семе. За премачкување на кората: 50 г омекнат путер со малку шарена сол.




Постапка: Се замесува тестото исто како за леб, а потоа се дели на два дела. Се покрива и се остава да стаса додека го зголеми волуменот. Потоа се развлекуваат правоаголни кори. Кората се премачкува преку цела површина со растопен путер и се наросува со шарена сол.




Се развлекува втората кора и се поставува врз премачканата кора. Го сечеме тестото на ленти широки 5 см. Секоја лента ја виткаме спирално и ја редиме во плех обложен со хартија. Лентите ги редиме по големина, во вид на елка. Започнувајќи од најдолгата која ќе биде основата или започнувајќи од самиот врв, постепено градете ја елката од тесто.




Вака приготвената елка се остава уште 40 минути да стасува, а потоа се премачкува со изматена жолчка со масло и млеко. Таа убаво ќе биде нарасната и воздушеста. Внимавајте да не ја притискате за остане мека и после печењето. Од тестото за украси правиме форми во вид на снегулки (со калап или рачно), па ја украсуваме елката.




Делот кој треба да биде стебло на елката го наросуваме со некое црно семе. Елката се става да се пече во загреана рерна на 170 степени. Пробајте го и вториот рецепт на Ивана од Шерпица – Елка од тесто – Божиќно дрвце, Едноставно и брзо. За да ги приготвите овие солени новогодишни елки ќе ви бидат потребни следните состојки:




500 г лиснато тесто (готово, купечко) кое е потребно да се остави на собна температура за да омекне, и 250 г ситно сирење (или урда). Овие две состојки се главните состојки од кои се приготвуваат елките, а сите останати состојки се потребни за декорација.




Тоа би можело да бидат разни саламчиња, чајна колбасица, домати, маслинки и слично. Постапка: На работна површина наросете брашно. Ставете еден блок лиснато тесто и со помош на оклагија развлечете го. Тестото развлечете го тенко и веднаш ставете го врз хартија за печење (врз превртен плех, за полесно формирање).




Преку кората рамномерно распоредете го ситното сирење, преку целата површина. Потоа развлечете го вториот блок лиснато тесто и одозгора поклопете ја филуваната кора. За правилно да се исече елката, најдобро е да се послужите со линијар, за точно да ги одредите линиите по кои ќе го сечете тестото.




Ивана од потесната страна на правоаголната кора измери по 8 см од двете крајни точки – за обележување на стеблото од елката. Под прав агол исечете го вишокот тесто, а парчињата тргнете ги настрана (подоцна можете да ги употребите за украсување).

Од горната страна пронајдете ја средината за да го означите триаголникот (врвот на елката). Исечете ги страните на триаголникот помагајќи се со линијарот. Од врвот обележете линија хоризонтално до стеблото, но не ја сечете, туку само малку притиснете колку да се оцрта во тестото.

Потоа започнете да ги сечете гранчињата. Потоа секое гранче малку свиткајте го (како за влашка пита) во спирала и малку притиснете да се залепи за хартијата. Одозгора елката премачкјате ја со изматено јајце. Шери доматчиња исечете на тркалца и редете ги на елката како лампиони.

Декорирајте ја елката по ваш избор. Остатоците што ги исековте од тестото не ги фрлајте, туку од нив направете уште една елка. Двата остри триаголници спојте ги од рамната страна и малку со прстот притиснете за да се залепат. Одоздола ставете едно парче кое ќе го замени стеблото, па повторете ја постапката како и за првата елка.

Исечете гранчиња, свиткајте ги во спирали, премачкјате со јајце и украсете по желба. Елките ставете ги да се печат во загреана рерна на 180-200 степени околу 10-15 минути колку да заруменат одозгора. Сите детали за постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.