Рецептот за овие прекрасни посни колачи ни го претстави нашата драга Светлана Карапетровска во групата НМД рецепти. Доколку сакате да ја прочитате мрсната варијанта, рецептот за истите ќе го прочитате подолу во текстот. Колачите се многу вкусни и едноставно се приготвуваат. Едноставно се топат во уста. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 чаши брашно, 2 чаши масло, 1 чаша ладна вода, 2 кесички прашок за печиво (20 г), јатки орев за полнење на кексите и кокос за валкање. ЗА ШЕРБЕТ: 2 чаши шеќер, 2 чаши вода и 1 кесичка ванилин шеќер (10 г).
ПОСТАПКА: Брашното се става во подлабок сад и се меша со прашокот за печиво. Се додаваат маслото и водата, па се замесува меко тесто кое не лепи на раце. Формираното тестото се остава 10 минути да одмори.
Потоа од него се кинат парчиња, се формираат топчиња со величина на орев, а во секое топче се става по една јатка орев. Вака приготвените топчиња се редат во плех намастен со масло и се печат во претходно загреана рерна на 200 степени колку да заруменат. Се вадат и се оставаат да изладат.
Се прави шербет од 2 чаши шеќер, 2 чаши вода и 1 ванилин шеќер. Се става на оган да врие 3-4 минути додека да се растопи убаво шеќерот. Со врелиот шербет се поливаат изладените колачи внатре во плехот каде се печеа.
Се оставаат да го впијат шербетот, а потоа се валкаат во кокосово брашно. Следниот рецепт за кокос кексите со едно јајце можете да го прочитате подолу:
РЕЦЕПТ 2 – КОКОС КЕКСИ КОИ ПРЕУБАВО МИРИСААТ. Сите ќе ве прашуваат за рецепт откако еднаш ќе ги пробаат. Овие кокос колачи ги приготвувам веќе со години, бидејќи многу се вкусни и многу едноставно се прават. Кога се печат мирисаат до моите соседи, па секогаш навраќаат на гости.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 јајце, 1 кесичка ванилин шеќер (8 г), 100 г шеќер, 250 г растопен путер/маргарин, половина лимон, 100 г пченкарно брашно, 350 г бело брашно, 10 г прашок за печиво (1 кесичка). ЗА ШЕРБЕТ: 350 г шеќер и 450 мл вода (по желба кој сака може да стави ванилин шеќер и неколку капки лимонов сок.
ПОСТАПКА: Путерот или маргаринот растопете го во микробранова печка или на пареа/тивок оган. оставете да се подизлади, па кога ќе биде млак во него додајте 100 г шеќер, 8 г шеќер, 1 јајце и исцеден сок од половина лимон.
Добро изматете додека состојките да се изедначат. потоа во течната смеса додајте 100 г пченкарно брашно и повторно промешајте додека д асе соедини целосно. Брашното (350 г) и една кесичка прашок за печиво просејте ги и додајте во смесата.
Измесете со рака додека да добиете ровко, комапктно тесто кое лесно се обликува. Од него кинете топчиња со големина на орев и редете ги во намастена (со путер) тепсија бр.32. печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени околу 20 минути, додека да заруменат.
Потоа оставете ги целосно да се оладат. За шербет: водата и шеќерот ставете ги на оган да вријат пет минути, па полека прелијте ги оладените колачи (топол шербет – ладни колачи). Оставете колачите да го впијат шербетот, а потоа валкајте ги во кокосово брашно.