I РЕЦЕПТ – Торта со кроасани, без печење, многу брзо е готова

Едноставна, а многу вкусна торта… ќе се воодушеват сите што ќе ја пробаат. Кога го добив рецептот од мајка ми, бев скептична како ќе излезе, но тортата е навистина преубава. Излегува обилна и голема, па можете да ја правите и во половина мера.




Потребни состојки: 1,5 литар млеко, 24 лажици шеќер, 10 лажици густин, 2 пудинзи од ванила, 2 путер/маргарини, 200 г шеќер во прав, 300 г бисквити, 2 големи пакувања мини seven days, 1 мало пакување мini seven days, 250 г еурокрем, 100 г чоколадо за готвење, 250 г шлаг, негазиран сок за натопување на бисквитите




Постапка: во малку млеко измешајте го пудингот и густинот. Во вториот дел од млекото додајте шеќер и ставете да се вари. Кога ќе зоврие додадете го разматениот прашок за пудинг со густинот и мешајте додека да добиете густа смеса.

Оставете да излади, па додајте го добро измиксаниот путер и соединете ги во едноличен крем. Готовиот фил поделете го на два дела. Во едниот дел ставете рендано чоколадо (наместо ренде можете и да го растопите, па ќе добиете чоколаден фил).




Бисквитите добро натопувајте ги во сок и редете ги врз тацна. Врз бисквитите редете фил со рендано чоколадо. Преку филот наредете кроасани кои претходно добро сте го натопиле во сокот. Врз кроасаните излејте го остатокот од филот. Еурокремот малку загрејте го за да стане течен и прелијте го преку тортата. Украсете со шлаг.




II РЕЦЕПТ – Колач со „7 days” кроасани – готов за 15 минути, без печење – многу вкусен и кремаст

7 days кроасаните се многу вкусна закуска. Ги има со чоколадно полнење и ванила крем. Меки се како душичка… Но, ова не е реклама за нив, туку само интересен рецепт за колач кој се приготвува токму со овие кроасанчиња.




Доколку сте љубители на нивниот вкус во комбинација со пудинг од ванила, чоколадо и плазма… (само замислете го вкусот на сите состојки заедно), тогаш ова е токму рецептот за вас кој треба да си го запишете. Можете да пронајдете рецепти во различни варијации на оваа тема, а тоа најмногу зависи од креативноста на сам(иот)ата готвач/ка.




Потребни состојки: 1 литар млеко, 3 пудинг од ванила, 1 лажица густин/нишесте/скроб, 200 г шеќер во прав, 250 г путер/маргарин, 100 г чоколадо за готвење, 300 г плазма кекси, 2 големи кесички кроасани (едно со чоколаден, а вторите со ванила фил).

Ќе ви биде уште потребно: 2 кесички шлаг, 1 шлаг крем од ванила (или чоколадо) за декорација и малку млеко за натопување на кроасаните и плазма кексите




Постапка: Одземете малку од 1 литар млеко и разматете ги пудинзите, густинот и шеќерот, а остатокот од млекото ставете го на оган. Кога ќе зоврие намалете ја температурата, па додајте ја разматената смеса со постојано мешање додека да се згусне.




Тргнете го на страна да се олади и покријте го со фолија за да не се зафати коричка. Кога ќе се олади пудингот, пенасто изматете го путерот кој претходно омекнал на собна температура, па лажица по лажица во него додајте го филот и постојано миксајте додека целосно да се соединат.




Добиениот крем поделете го на два дела. Едниот оставете го да биде жолт, а во вториот додајте растопено чоколадо за готвење (или по ваш избор) и промешајте. Плазмата натопете ја во млеко па редете ја во калап (плех со средна величина). Врз основата од кекси излејте го жолтиот фил.




Потоа натопувајте ги кроасаните, па и нив редете ги врз жолтиот фил и тоа: еден црн, еден жолт… за да биде шарено. Врз кроасаните излејте го чоколадниот крем, а врз него двата шлага. Шлаг кремот изматете го доколку сакате да декорирате со шприц.

Совет: Ако случајно филот ви излезе редок (многу зависи од квалитетот на пудинзите), слободно додајте мелена плазма додека да се згусне колку што сакате вие, или пак, додајте повеќе густин или пудинг во смесата. / Coolinarika.com