Сите ги сакаат печивата со вкусниот сусам, во солена или слатка варијанта. Ќе ви претставиме неколку едноставни рецепти, брзи, со и без квасец, па вие според потребите и вкусот одберете си го омилениот рецепт.
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1/2 путер/маргарин (125 г), 1 јајце, 1 кисело млеко (180 мл), 1 лажичка сол, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 400 г брашно. За валкање: 100 г сусам, 1 лажица мед + 3 лажици вода
ПОСТАПКА: Путерот на собна температура пенасто изматете го со миксер, па додајте едно јајце и кисело млеко. Продолжете со матење уште некоја минута, па додајте 2/3 од брашното, една кесичка прашок за печиво и една лажичка сол.
Изматете да се изедначи смесата, па додајте го остатокот од брашното и продолжете да месите со рака. Убаво измесеното тесто кое се двои од ѕидовите на садот, оставете го 10-15 минути да одмори. За тоа време разматете една лажица мед со три лажици вода.
Со раце формирајте стапчиња како кифли, тенки или дебели, кратки или долги – ги обликувате по ваша желба. Стапчињата натопувајги те во медниот раствор па валкате ги во сусамот. Ќе ви биде потребно околу 100 г сусам.
Ќе добиете околу 2 плеха вакви стапчиња. Печете ги 15-20 минути на 200 степени додека убаво да заруменат. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.
РЕЦЕПТ 2 – ПОГАЧИЦИ ЗА 10 МИНУТИ. Потребни состојки: 1 јајце, 120 мл кисело млеко, 120 мл масло, 1/2 супена лажица сол, 300 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво (12 г), 50 мл џем, 200 мл вода, сусам за валкање, урда или сирење за фил.
ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете едно јајце, 120 мл кисело млеко, 120 мл масло, половина супена лажица сол, па убаво изматете со жица маталка додека да се изедначи смесата. Потоа постепено започнете да го додавате брашното помешано со прашок за печиво.
На почетокот мешајте со маталката или со лажица, а потоа тестото домесете го со рака. Ќе добиете меко и мазно тесто кое не се лепи ниту за рака, ниту од ѕидовите на садот. Во друг посебен сад ставете 50 мл мармалад или џем/пекмез, па растворете го со 200 мл ладна вода.
Во трета чинија на страна истурете сусам во кој што ќе ги валкате погачиците. Потоа од тестото кинете мали топчиња со големина на пинг понг и сплескајте го на дланката. Во средината ставете една лажичка сирење или урда, па со помош на прстите затворете го печивото од сите страни.
Вака формираните печива натопувајте ги во растворот, а потоа валкајте ги во сусамот. Редете ги во плех обложен со хартија за печење, па ставете ги во загреана рерна на 200 степени и печете ги 20 минути. Оставете ги да се подизладат, па послужете ги.
РЕЦЕПТ 3 – СУСАМ КИФЛИЧКИ – многу вкусни, мене ми се омилени. Потребни состојки: 800 г брашно, 3 шолјички (од 100 мл) масло, вкупно 300 мл, 2 шолји (од 200 мл) млеко или вода, вкупно 400 мл, 10 г квасец, 2 јајца, 1 жолчка, 3 лажички сол, 3 лажички шеќер. За премачкување: 1 белка, 100 г сусам, 250 г путер/маргарин
Постапка: замесете тесто од брашно, активиран квасец, млако млеко или вода (и со вода излегуваат доста меки), масло, 2 цели јајца и една жолчка. Имајте подготвено две шолји (400 мл) млако млеко па постепено додавајте додека месите, колку што е потребно.
Тестото оставете да стасува околу еден час додека да го удвои својот волумен, па полека премесете го и поделете го на два еднакви дела.
Секој дел развлечете го во не многу тенок круг, исечете го на 8 триаголници, филувајте по желба, па виткајте ги кифличките без да ги притискате. Секоја кифличка премачкајте ја или натопете ја во изматена белка (со виљушка), па налепете сусам (со наросување) на неа. Вака подготвените кифлички редете ги ва намастен плех или обложен со хартија.
Дури кога сите кифлички ќе ви бидат готови, тогаш вклучете ја рерната на 200 степени и почекајте убаво да се загрее. Печете ги кифличките во загреана рерна околу половина час или додека да добијат убава боја.
Во оригиналниот рецепт е наведено дека врз секоја кифличка треба да се стави малку путер (вкупно 250 г), но јас не ставив зошто одбегнувам масно. Инаку така добиваат уште поубав вкус.