ОВИЕ ПЕЧИВА ГИ ПРАВАМ ЕДНАШ СЕДМИЧНО: едноставни, меки и вкусни, идеални за ужина или како оброк. Рецепт на Лесни арапски рецепти. Од оваа количина излегуваат неколку печива кои се доста заситни и превкусни, имаат богат вкус.




Печивата се прават многу едноставно, а главната состојка на убавиот вкус е магдоносот и кашкавалот. Можеби вакви печива не сте подготвувале на следниов начин, но мене ми се чини дека е многу едноставен доколку ја следите постапката на подготвување.




Потребни состојки: 450 г брашно, 8 г сув квасец, 1 мала лажичка шеќер, 1 мала лажичка сол, 100 мл топла вода, 150 мл топло млеко, 50 мл масло, 2 големи лажици ситно сечкан магдонос.




И уште ќе ви биде потребно: 3 компири, 100 г кашкавал + уште малку за наросување, црн пипер, сол, уште малку сечкан магдонос и една жолчка за премачкување.




Постапка: Во подлабок сад ставете го брашното и во средина направете вдлабнатина во која ќе ја додадете водата со квасецот. Малку промешајте во внатрешноста на вдлабнатината и додајте го шеќерот.




Сега промешајте ја целата смеса и потоа посолете и додајте го маслото и млекото. Добро измешајте се додека почне да се формира тесто, па додајте со ситно сечканиот магдонос. Замесете фино и меко тесто, нелепливо под прсти кое ќе биде шарено од магдоносот.




Потоа тестото вратете го во садот во кој првично го замесивте и покријте го со проѕирна фолија и памучна крпа и оставете да стаса околу 40-тина минути додека го подготвите филот.




За филот: Добро измијте и излупете ги трите компири и исечкајте ги на коцки. Ставете ги да се варат во тенџере со вода додека да омекнат. По варењето префрлете ги во подлабок сад и изгмечете ги со виљушка во пире.




Зачинете со сол, црн пипер и ситно сечкан магдонос по вкус. Додајте 100 г рендан кашкавал (јас измешав 50 г моцарела и 50 г чедар) и формирајте смеса слична на тесто. Црпете по малку од смесата и формирајте топчиња онолку колку што ќе правите печива.




Конкретно за оваа количина тоа е по 9 топчиња од филот и 9 топчиња од тестото. Сите топчиња вадете ги еднакви и обликувајте ги. Потоа од стасаното тесто црпете исто како и од филот, но овие топчиња ги правите малку поголеми.




Потоа едно топче тесто развлечете го малку со оклагија на рамна набрашнета површина и во средина ставете топче од филот. Затворете од краевите и потоа малку со раце притиснете го тестото да изгледа како подебело печиво (погледни видео).

Вака подготвените печива редете ги во плех обложен со хартија за печење, малку оддалечени едно од друго. Одозгора премачкајте ги убаво со една жолчка од јајце и наросете уште малку рендан кашкавал по желба.

Потоа печете ги во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 20-25 минути додека да заруменат. Оставете малку да се оладат, па послужете ги. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.