Овие солени печива може да се приготвуваат на два начини. Првиот начин е да развлечете кора, да ја филувате, па да ја свиткате во ролат и да сечете парчиња. Вториот, мојот начин, е да сечете ленти, па секоја лента да ја виткате како полжав.




Во вториот начин не се филуваат, но многу се декоративни, меки како памук и што е најважно, многу вкусни. соколку сакате, можете да ги филувате. Пробајте ги, верувам дека ќе ви се допаднат – Вукица.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г брашно, 100 мл млеко, 100 мл јогурт, 50 мл масло, 1 јајце, 1 кесичка сув квасец (10 г), 1 лажичка сол, 1 лажица шеќер. За премачкување: 1 жолчка, 1 лажица масло, по потреба сусам, мак, ким, семки по ваша желба




ПОСТАПКА: Во еден сад измешајте ги квасецот со шеќерот, па прелијте со млако млеко и оставете го настрана на топло околу 10-тина минути, додека да се активира и запени. За тоа време подгответе ги останатите состојки кои сите треба да бидат на собна температура, вклучително и јајцето.




Во еден длабок сад изматете го јајцето, па додајте сол и масло и промешајте за да се изедначи смесата. Додајте го јогуртот малку замлачен (или стоплен на собна температура) и на крај активираниот квасец. Убаво промешајте и соединете.




Потоа во течните состојки започнете постепено да го додавате брашното. Прво мешајте со лажица или шпатула, а потоа замесете со рака. Ќе ви биде потребно приближно 400 г брашно, но неговата количина може да отстапува за неколку грама плус или минус. На крај треба да добиете меко и мазно тесто.




Добиеното тесто покријте го со крпа или уште подобро со проѕирна фолија и оставете го да стасува на топло место каде нема провев. Кога ќе ја удвои својата големина за приближно еден час, премесете го малку и со помош на оклагија развлечете кора со форма на праволаголник 35х35 см.




Кората исечете ја на ленти со широчина од 1,5 см, па една по една виткајте ги како полжави. Јас не ги филувам, но кој сака, откако ќе ги исече лентите, може да ја премачка кората со растопен путер, или со крем сирење / ајвар / или нешто по свој избор, па дури потоа да ги витка.




Полжавите редете ги во плех обложен со хартија за печење. Оставајте доволен простор помеѓу печивата затоа што при печењето тие ќе нараснат.




Со помош на кујнска/силиконска четка премачкајте ги одозгора со изматена жолчка со малку масло, околу една лажица) и по желба наросете ги со сусам, мак, ким, црно семе или нешто по ваш избор. Оставете ги на топло место уште малку да стасаат, околу 15-20 минути.




За тоа време вклучете ја рерната добро да се загрее на 220 степени. Штом ги ставите печивата да се печат, намалете на 200 степени и печете ги 20-25 минути или по потреба, додека убаво да заруменат. Вукица / Сооlinarika.com