Овој толку вкусен чоколаден колач, а истовремено едноставен, потекнува од Тексас и неговото оригинално име е Олео. Брзо се приготвува, лесен е, а има божествен и неодолив вкус за сите љубители на чоколадото. Сите што го пробаа беа воодушевени и побараа уште едно парче, а верувам дека вам ќе ви се допадне – Рејчел.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: Потребни состојки: 2 шолји брашно, 2 шолји шеќер, 1 прстофат сол, 4 лажици какао, 200 г путер, 1 шолја врела вода, ½ шолја немасен јогурт или матеница, 2 јајца, 1 лажичка сода бикарбона и 1 лажичка екстракт од ванила
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ГЛАЗУРА: ½ шолја сечкани ореви, 175 г путер, 4 лажици какао, 6 лажици млеко, 1 лажичка екстракт од ванила и 400 г шеќер во прав
ПОСТАПКА: Во сад за матење ставете шеќер, брашно и сол. Во друг сад на тивок оган ставете го путерот и оставете да се растопи целосно, без да зоврие. Потоа додајте го какаото, промешајте и веднаш додајте врела вода.
Промешајте добро и оставете да проврие околу 30 секунди. Оваа смеса излејте ја во мешавината од брашно, шеќер и сол, па промешајте брзо со лажица додека да се соединат состојките и оставете да излади.
Во посебен сад ставете го јогуртот, јајцата, сода бикарбона и ванилата, па добро изматете додека да добиете хомогена смеса. Потоа додајте ја изладената смеса и мешајте додека да се хомогенизира.
Тестото излејте го во среден плех (оригинално се пече во калап со димензии 25х38 см) претходно намастен со ладен путер (кој сака може да нароси и малку какао) и печете во загреана рерна на 175 степени, 18-20 минути.
Додека се пече колачот, пригответе ја глазурата. Во еден сад растопете го путерот, додајте какао и промешајте. Тргнете го садот од оган, додајте млеко, ванила и шеќер во прав.
Мешајте додека сите состојки да се соединат. На крај додајте ги сечканите ореви и прелијте ја глазурата преку топлиот колач. Оставете да се олади (најпрво на собна температура, а потоа и малку во фрижидер), па сечете го на коцки и послужете.