Од оваа смеса може да направите 7 различни колачи. Интересно е што со оваа смеса може да експериментирате, а колачите се подготвуваат додека трепнете. Колачите се идеален десерт за вашата прослава или доколку сакате да ги изненадите гостите со нешто убаво и вкусно. Количината на состојките можете да ја прилагодите по ваш избор, иако од оваа смеса ќе добиете доволно колачи за сите.
Потребни состојки за базата на сите колачи: 940 г мелени бисквити/плазма, 320 г шеќер во прав, 400 мл млеко, 450 г маргарин или путер, 2 ќесички ванилин шеќер.
Мали ролати со крем банани: 300 г од базата, 50 г чоколадо за готвење, 3 крем банани, шеќер во прав тркалање на ролатот.
Чоколадни бомбици со наполитанки и лешници: 300 г базна смеса, 50 г наполитанки, 50 гр печени мелени лешници, 20 г чоколадо за готвење, мелени лешници за тркалање на бомбиците или плазма.
Чоколадни бомбици со кокос и еурокрем: 300 г базна смеса, 70 г кокос, 1 лажица рум, кокос за тркалање на бомбиците, двобоен еурокрем за декорација. Јафа колач со ресани: 300 г базна смеса, 1 кора за обланди, 40 г кокос, неколку парчиња ресани.
Тоблероне со желе бонбони: 300 г базна смеса, 70 г мелени ореви, 100 г ситно сечкани желе бонбони, растопено чоколадо за готвење со малку масло. Пчелини кошници: 300 г базна смеса, 70 гр кокос, шеќер во прав. Колач со орео бисквити: 300 г базна смеса, 100 г ситно сечкани орео бисквити, 150 г чоколадо за готвење, 3 лажици масло.
Подготовка на базата: Откако ќе одлучите кој колач ќе го подготвувате денес, започнете со подготовка на основната мешавина. Може да подготвите поголема количина на смеса и да ја чувате во фрижидер, а секој ден ќе имате различни колачи на трпезата.
Во длабок сад, додајте ги мелените бисквити, шеќерот во прав и ванилиниот шеќер и измешајте. Потоа направете вдлабнатина на средина на садот и додајте го растопениот маргарин или путер заедно со млекото. Смесата за базата е подготвена, а за секој колач ќе ви бидат потребни 300 г од оваа смеса.
I Рецепт: Подготовка на ролатот со крем банани
Стопете чоколадо на пареа и додајте го во основната смеса и добро измешајте додека состојките не се соединат. Подготвената смеса ставете ја на намастена хартија, па одозгора врз смесата ставете друга масна хартија и развлечете ја смесата да има простор во еден ред да се стават по три крем банани хоризонтално.
Потоа со помош на намастената хартија која беше одозгора, завиткајте ги крем бананите во базата како ролат. Со нож исечете ги краевите на базата каде што завршува претходната крем банана. Правете мали ролати од крем банана додека не ја потрошите смесата. На крајот, пренесете ги малите ролати заедно со намастената хартија во фрижидер да се стврднат. Кога ќе ги извадите од фрижидер, наросете ги малите ролати со шеќер во прав.
II Рецепт: Чоколадни бомбици со наполитанки и лешници
Во основната мешавина додајте растопено чоколадо за готвење, мелените наполитанки и мелени печени лешници. Мешајте додека не добиете хомогена смеса. Со супена лажица посегнете малку од смесата, а потоа со вашите малку наместени дланки со масло формирајте топче. Така направете со сите бомбици и тркалајте ги во мелени лешници. Вака подготвените бомбици пренесете ги на чинија во фрижидер додека не се стврднат.
III Рецепт: Чоколадни бомбици со кокос и еурокрем
Додајте кокос и рум во основната мешавина и добро измешајте. Од смесата земете една супена лажица и формирајте топче исто како со претходните бомбици. Подготвените бомбици тркалајте ги на малку масна хартија, а потоа во кокос.
Бомбиците чувајте ги во фрижидер се додека не се стврднат. На врвот на секоја бомбица направете мала вдлабнатина со прстот за еурокремот. Што се однесува до украсувањето со двобојниот еурокрем, можете да го направите веднаш или откога бомбиците ќе се стврднат.
IV Рецепт: Јафа колач со ресани
Во основната мешавина додајте кокос и добро измешајте. Кората за обланди поделете ја на половина. На оваа големина собира по три ресани во ред. Едната половина од кората свртете ја на страната со поголемите квадратчиња и намачкајте со еден слој од претходно подготвената смеса.
Наредете по три ресани во ред и малку притиснете ги со прстите. Остатокот од смесата полијте го врз ресаните. Со втората половина од кората за обланди поклопете со поголемите квадратчиња свртени надолу. Притиснете го горниот слој со дланките и ставете некој лесен товар врз подготвените кори и ставете ги во фрижидер да се стврднат.
V Рецепт: Тоблероне со желе бонбони
Во основната мешавина додајте мелени ореви и исечените желе бонбони и добро измешајте. Смесата развлечете ја на масна хартија. Со помош на масна хартија направете форма на голем продолжен триаголник. Заедно со масната хартија ставете ја смесата во фрижидер да се стврдне, а потоа исечете на мали триаголници и послужете.
VI Рецепт: Пчелини кошници
Во основната мешавина додајте го кокосот и измешајте. Користете калапи за колачи во форма на кошници или некоја друга форма. Од внатрешната страна на калапите ставете малку шеќер во прав за смесата да не се залепи. Подготвените форми редете ги на намастена хартија и ставете ги во фрижидер да се стврднат.
VII Рецепт: Колач со орео бисквити
Во основната смеса додајте ситно сечкани орео бисквити. Ставете ја смесата на намастена хартија, а одозгора поклопете со уште една намастена хартија и развлечете ја смесата на дебелина по желба. Направете форма на правоаголник и префрлете ја смесата во фрижидер да отстои преку ноќ на намастена хартија.
За декорација: На пареа стопете чоколадо со малку масло, а потоа истурете го врз претходно стврднатата торта и вратете ја тортата во фрижидер додека чоколадото не се стврдне. Преостанатото чоколадо може да го истурите врз другите колачи доколку сте подготвиле повеќе од базата.
Колачите сечете ги на коцки или кругови, во зависност за кој колач станува збор. Деталите од целата постапка може да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска.