Многу едноставно се приготвува, не е потребна голема умешност. Се матат сите состојки како што е опишано подолу во рецептот, а потоа се меша со преливот од мандарини. Добиената смеса се излева во специјален калап за куглоф и се пече 30 минути. Почекајте малку да излади, а потоа сладете се.
Прекрасен куглоф на кој тешко ќе му одолеете. Сите рецепти за подготовка на куглоф колачи се одлични, па така и овој, доколку го направите нема да се покаете бидејќи според мене е еден од најубавите варијанти што сум ги пробала.
Можеби е тоа така бидејќи колачот го правам со мандарини, кои се моето омилено овошје, а притоа тие се есенски плод, токму погоден за ова време. Куглофот е сочен, мек, вкусен, буквално се топи во уста.. ќе видите и сами.
Потребни состојки: 2 јајца, 100 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер од 8 г, 120 мл млеко, 120 мл масло за готвење, 300 г бело брашно, 12 г прашок за печиво, 2 мандарини, 10 г путер (тоа е околу 1 лажица) и 2 големи лажици шеќер.
За преливот ќе ви бидат потребни: 200 мл млеко, 1 голема лажица пченкарен скроб (густин), 1 голема лажица шеќер, 40 г бело чоколадо. Преливот се подготвува многу едноставно, може да го подготвите додека печениот куглоф се лади.
Подготовка на смесата за куглоф: Во подлабок сад скршете ги двете јајца и додајте го шеќерот заедно со ванилиниот шеќер. Изматете сè со кујнска жица-маталка. Кога убаво ќе се соедини смесата додајте го маслото, па потоа млекото и повторно добро соединете во еднолична смеса со брзо мешање на смесата.
Потоа постепено додавајте го брашното заедно со прашокот за печиво додека сè уште матите со кујнската жица за да не се формираат грутки. Ќе добиете еднолична смеса која ќе има малку погуста конзистентност од онаа за палачинки.
Потоа смесата тргнете ја настрана и земете едно тавче во кое ќе ставите 1 голема лажица путер (околу 10 г). Почекајте да се растопи, па во него додајте 2 големи лажици шеќер и пропржете на ниска температура.
Кога шеќерот ќе се растопи додајте ги излупените мандарини кои сте ги одвоиле на парчиња и пржете ги во путерот и шеќерот околу 5 минути додека да добијат силна портокалова боја.
Земете специјален сад за печење куглоф и добро намастете го со едно парче путер/маргарин на сите страни. Потоа наросете го садот со малку брашно. Излејте ја смесата за куглофот и одозгора наредете ги мандарините заедно со истурање на течноста која ја испуштиле при пржењето.
Ставете на печење во претходно загреана рерна на 180-200 степени, околу 30-тина минути со повремено проверување додека кората да се подигне и да зарумени. На пример, доколку премногу ви е јака рерната, печете на 180 степени за да не ви изгори куглофот.
По печењето куглофот превртете го на чинија и оставете го да се излади, а во меѓувреме подгответе го преливот на вообичаен начин: во помало тенџере се става млекото, шеќерот и скробот и се става на рингла додека да згусне. Потоа во него се растопува белото чоколадо и се прелива директно врз оладениот куглоф. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.