Посен ролат кој се подготвува за 5 минути. Може ви звучи чудно, но навистина се подготвува за 5 минути, со тоа што е потребно уште некое време да отстои во фрижидер да се стврдне.




Овој посен и кремаст ролат е неверојатно вкусен и се топи во уста, а кога и да ви се пријаде нешто слатко, овој банана ролат е одличен рецепт за да подготвите нешто набрзина. Кога и да ви дојдат ненадејни гости, само пикнете се во кујна и за неколку минути ролатот е готов, а додека гостите да го испијат кафето тој веќе ќе биде стврднат.




Ролатот не се пече и нема да извалкате многу садови додека го направите, а на трпезата ќе имате совршен чоколаден посен ролат. Се јаде веднаш бидејќи е толку многу вкусен, а од што е толку убав, понекогаш ќе треба да ја дуплирате дозата.




Потребни состојки: 300 г посни мелени бисквити, 200 мл сок од јаболко (може и друг сок по избор, но треба да биде свежо исцеден), рендана кора од 1 портокал, 100 г црно посно чоколадо, 100 мл вода, 200 г посен шлаг, 100 г кокос, 2 банани.




Постапка: Во подлабок сад додајте ги мелените бисквити. Потоа во садот додајте го свежо цедениот сок. Јас исцедив сок од јаболко – 200 мл. Може да исцедите и друг сок, но со јаболко е најубав ролатот.




Во истиот сад додајте 100 г топено посно чоколадо. Со маталка измешајте ги состојките додека да добиете соединета смеса. Во садот изрендајте и кора од портокал која треба претходно да биде истретирана со сода бикарбона и вода, доколку не е органска.




Повторно промешајте. Потребно е да добиете една целосна смеса. Во друг сад направете го шлагот според упатствата на ќесичката. Јас додадов во прашокот 100 мл вода и го изматив со миксер. Во шлагот не додадов шеќер, но затоа додавам 100 г кокосово брашно и повторно се меша.




На проѕирна фолија ставете ја смесата од бисквити која претходно ја направивте, завиткајте ја со фолијата и со помош на оклагија развлечете ја кората додека да формирате правоаголна смеса.




Врз кората ставете го белиот фил кој претходно го подготвивте од шлагот. Распоредете ја смесата подеднакво по целата должина на кората со помош на задниот дел на супена лажица.




На крајот се додаваат бананите. Бананите се ставаат цели, едната на едниот крај, а другата на другиот крај на кората. Ролатот започнете да го формирате со проѕирната фолија од долната страна.

Овој ролат го виткам до половина, а потоа се повторува истата постапка и од другата страна на бананата. На овој начин ќе добиете 2 ролати кои може да ги пресечете на парчиња.




Ролатот се става во фрижидер да се стврдне. Доволно е да отстои 1 час пред да се послужи. Пресечете го ролатот по желба. Одозгора ролатот може да го прелиете со растопено чоколадо. Може да наросите и малку мелени бисквити одозгора. Вкусот е предобар, мора да го испробате овој рецепт. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.