Со модар патлиџан многумина приготвуваат еден стар природен лек против артритис. Меѓутоа, освен што е лековит, модриот патлиџан, исто така е многу вкусен па затоа честопати се додава во разни јадења за да збогати со својот „меснат“ вкус.

Овојпат ќе ви прикажеме како да направите совршена закуска – похуван модар патлиџан (пржен во длабоко масло или во рерна). Една тајна состојка му дава уште поубав вкус, па следната пригода испробајте го овој рецепт:

Потребни состојки: 1 среден модар патлиџан, 3 јајца, 150 г брашно, 100 г презли, 150 г инстант пире (изборно, не мора), сол, масло

Постапка: модриот патлиџан измијте го, не треба да го лупите, исечете го на тенки ленти, посолете и оставете да отстои околу 20 минути.

Исцедете го од водата што ќе ја пушти. На овој начин тој се измива од „горчината“ што некогаш знае да преовладува во некои плодови.

Во посебен сад изматете јајца, малку посолете, а во друг, посебен сад измешајте ги презлата и инстант пирето. Секое парче прво валкајте го во брашно, потоа во изматените јајца и на крај во мешавината од презли.

За пржење во тава потребно ви е околу 500 мл масло бидејќи треба да пржи во длабоко масло.

Загрејте и намалете ја температурата на умерено, па спуштајте ги парчињата, пржете од двете страни додека да порумени. Не ја преполнувајте тавата за да не се намали одеднаш температурата на маслото.

Вадете на хартиени салветки да се исцеди вишокот маснотија. За да не впиваат многу маснотија, во маслото ставете 2-3 зрна грав или во јајцата додајте половина капаче ракија. За оние што одбегнуваат пржено, може да ги приготвите во рерна, каде има помалку работа:

Само наредете ги врз хартија за печење, малку попрскајте со масло и печете ги во загреана рерна на 220 степени.

Во текот на печењето секое парче превртете го и од другата страна за еднакво да се испече. Потребно е најмногу околу 20-25 минути додека да заруменат од двете страни.

Послужете со салата, компир салата, ориз или едноставно направете одлична маринада со лукче. Уживајте во секој залак. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.

Можете да ги приготвите и според следниот рецепт, каде модриот патлиџан кисне во млеко:

РЕЦЕПТ 2 – Потребни состојки: 2 модри патлиџани, 1 прстофат сол, 400 мл млеко, 50 г рендан кашкавал, 1 лажичка лук во прав, 60 г ситна презла, брашно за валкање и 2 јајца

Постапка: модрите патлиџани исечете ги на тенки кругови. Ставете ги во еден сад и посолете ги со еден прстофат. Потоа прелијте ги со 400 мл млеко.

Оставете ги 10-15 минути а потоа процедете ги. Изрендајте ситно 50 г кашкавал, додадете една лажичка лук во прав и 60 г ситна презла. Добро промешјте за да се изедначат. Во една чинија ставете брашно, а во друга изматете две јајца со виљушка.

Секое тркало модар патлиџан прво валкајте го во брашното, па во матените јајца и најпосле во мешавината со лебни трошки и рендан кашкавал.

Вака „панираните“ парчиња спуштајте ги во умрено врело масло и пржете ги од двете страни додека да заруменат.

Вадете ги во чинија обложена со салветка, а одозгора наросете ги со ситно сечкан власец. Исто како и во претходниот рецепт, доколку одбегнувате пржење во длабоко масло, похуваниот модар патлиџан можете да го печете во рерна.