Ова е рецепт кој не планирам да го менувам. Сè си е по таман. Рецептов го имам одамна, го добив заедно со оцетот кога го купив, за кој многу сум благодарна…купуваш оцет и си добиваш брошурче со многу прекрасни рецепти….ете, оттаму е и овој рецепт – Лилјана Илиева.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 кг гамби пиперки, може и ајварка или некоја друга, сеедно која вам ви се допаѓа, 2 литри алкохолен оцет 6% (ако е 9%, тогаш ставете малку помалку), 2 литри вода, 250 мл масло, 250 г шеќер, 60 г сол, 1 кесичка црн пипер во зрно




ПОСТАПКА: Пиперките измијте ги, исечете им ги дршките – избоцкајте ги со игла (јас тоа го правам со виљушка за да ја скратам постапката), на неколку места.




Оцетот, водата, шеќерот, солта и црниот пипер соединете ги и ставете ги на оган да зоврие течноста. Кога саламурата ќе зоврие, ставете ги пиперките да се подварат околу 10-15 минути. Не ги ставајте сите одеднаш, туку колку што собира (на неколку тури).




Времето на варење зависи од самата дебелина на пиперките, па ако е баш онака како што треба дебела и свежа, потребно и време, а ако е потенка, тогаш намалете го времето на вриење.




Со решеткаста лажица вадете ги пиперките и малку почекајте додека да се изцедат, па ставајте ги на сдтрана во некој друг сад. И така, повторувајте ја постапката додека да ги сварите сите пиперки.




Во оригиналниот рецепт пишуваше дека треба да се почека да се оладат околу 12 часови, а јас само овде го променив рецептот, односно додека сите пиперки да ги подварам…тие претходните се веќе малку подизладени.




Па како се подизладуваат така ги редам во стаклени тегли. Кога сè ќе завршам и сите пиперки ќе ги наредам во теглите, тогаш веднаш ги залевам со саламурата која останала во тенџерето.




Тие се топли, па веднаш ги затворам и ги виткам во ќебе. Вака остануваат до следниот ден. Капаците добро се затвораат и вакумираат од топлината. Ова е таа измена која јас ја направив, а некоја посебна причина за тоа немав, само за да го скратам времето.




Вие како и да и ги приготвите, нема да погрешите. Мерките се точни до милиграм, а течноста-солилото е толку добро што ќе посакате да се напиете од неа некоја голтка. Навистина одличен рецепт, ви го препорачувам – Лилјана Илиева / Сооlinarika.