Ви претставуваме вкусен десерт кој се приготвува за 5 минути од само три состојки, а без желатин (кој иако е многу здрав, забележавме дека не сите го сакаат). Единствено што треба да почекате е да се излади десертот. Овој брз чоколаден десерт можете да го послужите со кафе или чај. Многу вкусно и лесно за подготовка.




Чоколадниот пудинг е еден од оние десерти кои може да ги приготви и човек кој нема никакво искуство во кујната. Потребни се 3 состојки, тенџере со жица-маталка и силиконски калапи. Заборавете на рерната и направете го овој вкусен деликатес.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 мл млеко, 3 супени лажици пченкарен скроб/густин/нишесте и 180 г млечно чоколадо. Колку повкусно чоколадо ќе одберете, толку повкусен десерт ќе добиете (бидејќи, се разбира, во овој десерт преовладува чоколадото).




ПОСТАПКА: Млекото од собна температура ставете го во тенџере и додајте го скробот. Мешајте со жица-маталка енергично додека да ги разбиете сите грутчиња од скробот.




Чоколадото искршете го на коцки и додајте го во разматеното млеко. тенџерето ставете го на оган на ниска до умерена температура и постепено загревајте со непрекинато мешање.




Гответе го пудингот со мешање додека да се изедначи. Доведете ја смесата речиси до вриење кога ќе започне брзо да се згуснува. Внимавајте да не ви загори. Подгответе ги силиконските калапи.




Рамномерно излејте ја смесата во нив, добро протресете да се пополнат евентуалните празнини и израмнете. Силиконските калапи оставете ги во фрижидер на ладење околу половина час.




Потоа внимателно отстранете го десертот без да го наруши неговиот облик, превртувајќи го наопаку. Одозгора наросете рендано или течно чоколадо, кокос или мелени лешници и послужете.




„Значи ова е густо чоколадно желе!“, рече мајка ми кога за првпат го проба овој десерт. Но, толку многу и се допадна, што ми побара рецепт и почна редовно да го прави. Постапката од приготвувањето можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.