Ова е највкусниот појадок кон некогаш сум го пробала. Се приготвува едноставно, а многу е вкусно. Без квасец и без да вклучувате рерна. Мини питичките се подготвуваат на обична тава на рингла. Еве што ви е потребно за да го приготвите овој рецепт:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 95 мл вода, на врв од лажичката сол (1,5 г), 150 г брашно, 30 г зелени перца од млад кромид, 1 прстофат сода бикарбона, 50 г кашкавал, 40 г брашно, 40 г пченкарен скроб, 20 г путер и малку масло за намастување на тавата
ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете 95 мл вода и малку сол, па промешајте. Додајте 150 г брашно (1 чаша) и соединете мешајќи со лажица или шпатула. Кога ќе се впие сета течност, замесете со рака потврдо, но компактно тесто (количината е мала, ќе добиете едно топче тесто со величина на дланка).
Тестото поклопете го со фолија или во некој сад, па оставете го да одмори 10-тина минути. Потоа поделете го на четири еднакви делови. Од секој дел со помош на дланките формирајте мало топче.
Топчињата покријте ги со фолија или некој сад и оставете ги да одморат. За тоа време измијте ги зелените перца од млад кромид и ситно исечкајте ги. Ќе ви бидат потребни 30 г млад кромид. Посолете со прстофат сол и примешајте. На страна изрендајте 50 г кашкавал.
Во посебен сад ставете 1/4 чаша брашно (околу 40 г) и исто толку пченкарен скроб. Оваа мешавина користете ја за да ги наросувате топчињата и да ги развлекувате со оклагија во тенки кори со дијаметар од 18 см (колку една голема плитка чинија).
Значи, наросете ја/набрашнете ја работната површина, ставете едно топче тесто, наросете го и него одозгора, палку спласкајте го со прстите за да добие овална форма, а потоа со постојано вртење на кората, развлекувајте ја со оклагијата до посакуваната големина.
Корите редете ги една врз друга и помеѓу наросувајте ги убаво со мешавината за да не се лепат една од друга. Потоа сите заедно развлечете ги во една голема кора. Неколку пати превртете ја за да го задржите кружниот облик. Треба да добиете кора до дијаметар од 28 см.
Иако ги развлекувавте сите одеднаш (една врз друга), ќе забележите дека на крај тие многу лесно ќе се одлепат една од друга и на овој начин одеднаш ќе добиете четири тенки големи кори. Затоа, многу е важно добро да ги набрашните помеѓу, со мешавината од брашно и скроб.
Растопете 20 г путер (во микробранова се доволни 15 секунди), па секоја од четирите кори добро намастете ја со помош на кујнска четка, а одозгора наросете малку од сечканиот млад кромид. Одозгора наросете и малку рендан кашкавал. Потоа следува диплењето:
Поклопете ја едната страна до замислена средишна линија, а потоа и другата страна, преку неа, како што е прикажано во видеото, премачкајте ја површината со путер, а потоа кога ќе добиете долгнавест правоаголник, поклопете го едната страна до половина, па преклопете преку неа и од другата страна, така што на крај ќе добиете „спакуван“ квадрат/правоаголник.
Питичката можете да ја „спакувате“ и поинаку, по ваш избор, а неколку идеи се дадени во видеото. На пример, на кората направете 4 засеци и се пакува слично како за лиснато тесто. За кој начин и да се одлучите, нема да погрешите.
Во нелеплива тава загрејте малку масло, па ставете ги „спакуваните“ питички да се пржат. Со помош на кујнска четка премачкјате ги и одозгора со загреаното масло. Температурата треба да биде умерена, ниту пресилна, ниту преслаба. пржете ги по две минути од двете страни додека убаво да заруменат. Превртете ги неколку пати додека да бидете сигурни дека доволно се испечени. Деталите погледнете ги ОВДЕ.