КЕТО ПАЛАЧИНКИ ПОГОДНИ ЗА ДИЈАБЕТИЧАРИ И ОНИЕ СО ИНСУЛИНСКА РЕЗИСТЕНЦИЈА. Рецепт на Стефани Стеф. Стефани е девојка која на својот јутјуб канал креира вкусни рецепти кои може да ги јадат и дијабетичари, оние со инсулинска резистенција и оние кои едноставно се здрави, но сакаат да го исфрлат шеќерот од исхраната.




Неодамна таа сподели 3 рецепти за кето палачинки кои имаат бомбастичен вкус, а не се чувствува никаква разлика од обичните. Тоа е така затоа што таа користи совршена замена за некои намирници, а и ги користи во правилна мера.




РЕЦЕПТ ЗА БЕЛИ СЛАТКИ ПАЛАЧИНКИ. Потребни состојки: 40 г бадемово брашно, 4 цели јајца, 1 лажичка маслиново масло, 1 лажичка арома од ванила, замена за шеќер околу 60 г или повеќе по ваша желба.




Постапка: Јајцата добро се матат, па се додава лажичка маслиново масло заедно со аромата од ванила. Потоа се додаваат сувите состојки односно бадемовото брашно и стевијата. Јас користев течна стевија, но доколку не можете да најдете, може да користите и во прав.




Смесата добро се меша за да нема грутки, а готова е кога ќе има средна густина. Палачинките се печат во намастено специјално тавче за палачинки, при што мора тавчето да го премачкувате при прелевање на секоја наредна палачинка. Палачинките се печат по 1-2 минути по страна, исто како и обичните палачинки.




РЕЦЕПТ ЗА ЧОКОЛАДНИ ПАЛАЧИНКИ. Потребни состојки: 4 цели јајца, 20 г бадемово брашно, 20 г какао во прав, околу 100 г замена за шеќер (стевија во прав), прстофат сол и лажичка маслиново масло.




Постапка: Во сад се матат јајцата, па се додава маслиново масло и на крај со постојано мешање се додаваат и сувите состојки. Оваа смеса може да ја матите и со миксер.




Прстофат сол се додава бидејќи го зајакнува вкусот на какаото, а малата количина си го прави своето. Палачинките се печат исто како во првиот рецепт, а во продолжение проследете го и третиот рецепт за солени палачинки.




РЕЦЕПТ ЗА БЕЛИ СОЛЕНИ ПАЛАЧИНКИ. Потребни состојки: 4 цели јајца, 40 г бадемово брашно, малку сол и црн пипер, а по желба може да додадете и некој друг зачин.




Постапка: Јајцата добро се матат, па се додава брашното и зачините. Палачинките се печат исто како претходните два рецепти, а може да ги правите за појадок или вечера и да ги комбинирате со кашкавал, нешто сувомеснато или некој намаз по ваш избор.




Од оваа смеса излегуваат по 4 палачинки, и тоа големи, а тоа е доволно како оброк за еден дијабетичар. Можеби не сте знаеле, но дијабетичарите треба да јадат по малку, повеќе пати во текот на денот. По потреба, зголемете ја количината, а деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.