За овој рецепт потребни ви се само 5 минути за да ги измешате состојките. Она по што се разликува од другите слични излеани пити е начинот по кој се излева.
Имено, тестото не треба да се меси, туку се црпи со лажица и постепено се додава во тепсијата…
Потребни состојки: 5 јајца, 1-2 лажички сол, по вкус,, 1,5-2 лажички прашок за печиво, 1 помало калапче сирење (100-200 г, по желба), 1 чаша кисела павлака (180 г), 100-150 г сланина, 5 шолји брашно (од 150 мл), 200 мл млеко и 100-150 г путер/маргарин/маст.
Постапка: Јајцата изматете ги со виљушка, посолете и додадете прашок за печиво. Промешајте убаво за да нема грутчиња. Во смесата од јајца додајте ситно идробено сирење, една чаша кисела павлака (може и без павлака).
Промешајте за да се изедначи. Во смесата додајте исечена сланина на коцки, промешајте, па додајте го брашното и млекото. Ако добиете многу густо тесто, додајте уште малку млеко, вода или јогурт, а ако е ретко додајте уште малку брашно.
Смесата треба да биде погуста од онаа за палачинки, полутечна. Тепсија или плех со средна величина ставете ја на оган заедно со коцка путер, додека да се растопи и загрее.
Во врелата маснотија со намастена лажица црпете од тестото и ставајте во тепсијата. Лажица по лажица црпете и ставајте во тепсијата, а пред секое црпнување малку намастувајте ја лажицата во врелото масло.
Повторувајте ја постапката додека да се потроши целата смеса. Смесата може да се истури целата одеднаш, но вака многу подобро се одвојува и има подобра текстура. Во меѓувреме вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени.
Ставете ја питата да се пече, околу половина час или додека убаво да зарумени одозгора.
Печената пита покријте ја со крпа и оставете ја 10-тина минути да излади. Целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ. Во продолжени прочитајте уште еден рецепт кој е уште поедноставен и побрз од претходниот:
БРЗА ПИТА СО СИРЕЊЕ – Измати, излеј и испечи. Ова е еден вид „тиропита“, бидејќи се приготвува со сирење („тири“ на грчки значи сирење), но не содржи кори.
Сите состојки се матат, а смесата се излева и се пече, Може да се прави и со повеќе видови сирење. Овој рецепт е со два вида сирење и кисела павлака. Брзо и многу вкусно – Данка.
Потребни состојки: 5 јајца, 200 г брашно, 400 г фета сирење, 200 г ајдамер (едамер) или некое друго тврдо сирење, 1 чаша од 180 г кисела павлака, 100 мл масло и 1 лажичка прашок за печиво.
Постапка: во подлабок сад изматете ги јајцата со жица маталка, да бидат како за похување. Потоа во нив додајте иситнето фета сирење (со виљушка) и ајдамер (едамер) изрендан на крупно ренде.
Потоа во смесата додајте кисела павлака, масло, брашно и прашок за печиво. Промешајте со лажица додека да се изедначи смесата и да нема грутчиња од брашното. Тепсија со пречник од 30 см (или помала, за повисока пита) намастете ја.
На дното излејте ја смесата и протресете за да се израмни. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 45 минути. Печената кора треба да има дебелина од околу 2 прсти. Може да се послужи топла или ладна со чаша јогурт. / Данка