Одличен и брз рецепт, супер идеја за појадок. Многу едноставно, а вкусно, прсти да излижеш! Може да послужи како импровизиран ручек, закуска, предјадење, појадок, вечера…Може да го приладите рецептот и според состојки кои ги имате во фрижидерот… Рецепт на Кокица / Сања Мајор.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 1 чаша јогурт од 200 мл (истата чаша ја користиме и за останатите мерки), 1 чаша масло, 2 ½ чаши брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 150 г шунка, 150 г фета сирење, 5 кисели краставички, ½ лажичка сол, малку црн пипер, 1 лажичка оригано. ЗА ПОРОСУВАЊЕ: 100 г пармезан / трапист / кашкавал по избор
ПОСТАПКА: со жица изматете ги пенасто јајцата, па додајте го јогуртот и маслото. Кога добро ќе се измати смесата и изедначат состојките, додајте ги зачините (сол, црн пипер, оригано). Добро хомогенизирајте ја смесата.
Потоа, постепено додавајте го брашното во кое претходно сте го промешале прашокот за печиво. На крај додајте го издробеното сирење (може да го иситните со виљушка или со прсти), на коцкички исечената шунка и краставичките (исечкани или изрендани).
Кога ќе се добие изедначена смеса, со помош на лажица внимателно префрлете ја во силиконски калап. Ако имате обичен калап за куглоф, тогаш истиот прво намастете го и наросете го со малку брашно (или само доброп намастете го со путер). Рерната треба да биде загреана на 200 степени.
Потоа калапот фатете го за ивиците и малку протресете го и 3-4 пати потчукнете го од подлогата за убаво смесата да се намести и да се пополнат евентуалните празни места како и да излезат воздушните меурчиња. Се пече околу 45 минути на 200 степени.
За тоа време пригответе друга тепсија, прекријте ја со хартија за печење и после 45 минути кога ќе го извадите печениот куглоф, само превртете го врз приготвената тепсија и одозгора изрендајте кашкавал, трапист, пармезан или по ваш избор.
Вратете го куглофот уште 10-тина минути во загреаната рерна да се допече, а после тоа извадете го и оставете го малку да се подизлади за да можете убаво да го сечете. Послужете го со кисело млеко, совршено си одговара оваа комбинација. / Кокица / Сања Мајор / кuvajmo-blogovski.com. Ќе ви се допадне и следниот рецепт за солен куглоф со варени јајца:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 10-11 јајца, калап за куглоф 25 см, 1,4 литар јогурт, 6 кесички желатин, 200 г шунка или димен врат, 300 г варен морков, 400 мл мајонез, 6-7 кисели краставички. Желатинот се приготвува според упатството на кесичката.
Постапка: за почеток… се чисти морковот и се сечка на коцкички. Се готви на пареа или во вода, ни премногу ни премалку, поточно околу 20-тина минути се доволно колку малку да омекне, но да не се превари.
Се варат јајцата. Се сечка шунката, краставичките… Желатинот се приготвува според упатството на кесичката: 4 лажици ладна вода за една, односно 24 лажици вода за 6 кесички желатин. Се остава да набубри 10-тина минути.
Јогуртот малку го замлачуваме да биде топол. За тоа време на пареа го растопуваме желатинот и полека го истураме во јогуртот и промешуваме. Потоа ги додаваме сите состојки освен јајцата.
Половина од смесата истураме во калапот, ставаме во фрижидер околу половина час, па кога малку ќе се стегне ги редиме јајцата во круг и прелеваме со остатокот од смесата. Се враќа повторно во фрижидер добро да излади, неколку часови.
Потоа малку одвојте го куглофот од ѕидовите на калапот и преврете го врз чинија за сервирање. Уживајте во прекрасниот вкус и изглед!