Ако досега не сте се осмелувале да правите палачинки, бидејќи првиот обид ви бил неуспешен, не сте можеле да ги превртувале палачинките зошто ви се кинеле или пак ви се залепувале за дното, не грижете се, имаме неколку проверени рецепти со кои правењето на највкусната слатка ќе ви причинува задоволство.
Имено, состојките се мерат со една иста чаша од 200 мл и ако внимателно ги следите инструкциите, вашите палачинки ќе бидат неодоливи. Важно е да имате нелеплива тава за палачинки, а истите да ги печете на силен оган, но не најсилен. Секако, после првиот рецепт наречен „Три чаши“, ќе можете да го прочитате и омилениот на читателите од НМД.мк.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 чаша врела вода, 1 чаша млеко, 1 чаша брашно, 2 јајца, 1 мала лажичка сол, 1 супена лажица шеќер, 40 мл растително масло. ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете ги јајцата, па додајте сол, шеќер и масло.
Изматете ги добро со миксер додека да добиете пенлива смеса, а состојките да се растворат и изедначат. Може да матите и со жица матлка (како ви е полесно, така). Додека непрекинато матите во тенок млаз додајте ја врелата вода.
Потоа додајте го и млекото, а на крај постепено додавајте го и брашното. матете постојано за да не се создадат грутчиња од брашното. Кога ќе добиете целосно мазна смеса со конзистенција на јогурт – вашата смеса е готова (ако имате време оставете ја да отстои половина час).
Намастете специјална тава за палачинки со малку масло (само површината да биде намастена). Со кутлача истурете од смесата и со подигање на тавата под агол разлејте ја насекаде преку целата поврпина на тавата. Печете по неколку минути од двете страни, а печените палачинки редете ги една врз друга. Вториот рецепт:
Најубавите палачинки што постојат во светот: сè по 4. Може да се приготвуваат во посна или масна верзија, па секој според вкусот може да ги комбинира со најубавите намази… Ние го имаме најдобриот рецепт во светот, пробајте го, нема да се покаете. Воедно, тој е фаворитниот на читателите на НМД…
Потребни состојки: 4 јајца, 400 г брашно, 400 мл млеко, 400 мл газирана вода, 4 лажици масло, малку сол и 1 ванилин шеќер. Постапка: Јајцата изматете ги со жица, па додадете половина брашно и млеко, па сето добро соединете го.
Потоа додадете ја втората половина од брашното и млекото, малку сол, ванилин шеќер и масло, па соединете да нема грутчиња. На крај додадете ја газираната вода и добро промешајте да се изедначи и стане мазна.
Смесата оставете ја еден час да одмори во фрижидер. За тоа време убаво ќе се спојат состојките и подобро ќе се пече тестото, а палачинките од прва до последна ќе бидат исти по дебелина. Тавчето за палачинки намастете го со малку масло и добро загрејте го, а потоа излејте една кутлача од смесата во него.
Брзо и рамномерно разлејте на сите страни и печете неколку секунди од едната страна, па превртете и на другата страна, печете исто толку или пократко.
Печените палачинки редете ги една врз друга, најгорната поклопете ја со со втората превртена на чинијата и филувајте по желба. А еве уште еден убав рецепт за палачинки – видео ОВДЕ. (рецепт на Клавдија од Украина)