Македонската везенка (Capsicum annuum) е доста барана сорта поради својот спечифичен вкус и мирис, но и изглед. Додека созреваат пиперките од оваа сорта, од зелена преоѓаат во силно црвена боја. Препознатливи се по карактеристичните црти кои се шараат долж плодот, па пиперките изгледаат како да се испу-кани.
Може да се користат свежи во сезона на салатите или во салца, но и како сушени или толчени во текот на целата година. Но, едно од омилените јадења на Македонците секако се везенките приготвени во тегла за зимница. Во продолжение прочитајте неколку понудени рецепти:
РЕЦЕПТ 1 – Потребни состојки: 3 кг везенки, 1 китка магдонос, 3 главици лук, 750 мл бел оцет 9%, 100 мл масло, 200 мл вода, 2 шолји (за кафе) сол и 3 шолји (за кафе) шеќер. ПОСТАПКА: Везенките измијте ги со ладна вода и потсечете им ги дршките. Водата, оцетот, солта, шеќерот и маслото ставете ги во длабок сад на оган.
Кога ќе зоврие смесата намалете ја температурата и оставете да се вари на тивко. Пиперките потпечете ги по малку од двете страни и додека се топли ставете ги во солилото кое полека врие. Оставете ги неколку минути, па вадете ги со решеткаста лажица и полнете ги во чисти и суви тегли.
Ставете два реда пиперки, додајте магдонос и лук. На секои два реда пиперки, постапката се повторува сè додека теглите да се наполнат. При редењето, печените везенки малку притискајте ги со лажица.
Откако теглите ќе се исполнат, прелијте ги со солилото и веднаш затворајте ги со метален капак. Ако количината на солилото не е доволна (ако испарила во меѓувреме) теглите дополнете ги со уште малку оцет.
РЕЦЕПТ ЗА ТЕГЛА ОД 720 МЛ – Потребни состојки: 1 лажица шеќер, 1 ½ лажица сол, 3 лажици масло, 7 лажици винки оцет, лук, магдонос. Постапка: Пиперките измијте ги и потсечете им ги дршките и оставете ги да се исцедат и исушат.
Лукот и магдоност исечкајте ги. Во теглата ставете шеќер, сол, масло и оцет. Ринглата вклучете ја на средна температура (јас на 3) па пиперките малку потпечете ги од двете страни, само колку да омекнат, а не да се препечат!
Потоа така врели редете ги во стаклената тегла, малку со лажицата притискајте ги и редете лук и магдонос. Кога ќе ја исполните теглата уште малку притиснете, добро затворете ја со капак и веднаш превртете ја теглата за да се вакумира од топлината. Така оставете ги до следниот ден, а потоа се готови.
РЕЦЕПТ ЗА 15 КГ ВЕЗЕНКИ ЗА ЗИМНИЦА – Потребни состојки: 15 кг црвени везенки пиперки, 2,350 кг шеќер, 3,125 кг сол, 4,2 литар сончогледово масло, 51 мала шолјичка есенција, 65 г конзерванс и 7 главици лук и свеж магдонос по желба
Постапка: Пиперките малку потпечете ги на рингла колку малку да се ишараат и редете ги во голем сад. Во друг сад пригответе ја смесат за прелевање од наведените состојки, па оставете малку да отстои со повремено промешување.
Во печените и топли пиперки додадете ја смесата и убаво промешајте. Одозгора притиснете добро со некоја тепсија во која ќе ставите камен и оставете ги така да преноќат. Потоа складирајте ги во тегли, добро притиснете одозгора и затворајте ги со капак.