Се замесува тесто кое се дели на два дела, а од секој дел се развлекува кора. Се подготвува фил од многу спанаќ со сирење, па се реди помеѓу двете кори, една врз друга, во два слоја. Пробајте ја оваа пита, многу е вкусна.




Потребни состојки: 450-500 г брашно, 250 мл млака вода, 8 г сув квасец (една кесичка) или половина коцка свеж квасец, 1 лажичка шеќер, 1 лажичка сол, 120 г путер или маст.




Потребни состојки за фил: 400 г свеж спанаќ (измиен, исцеден и ситно исечкан), малку сол, 300 г ситно сирење, 2 лажици масло (обично или маслиново), малку јогурт или кисело млеко




Постапка: Во подлабок сад за месење ставете 250 мл млака вода, сув квасец или изронет свеж квасец, лажичка шеќер и малку брашно, па убаво промешајте за да се растворат состојките.




На страна растопете и подизладете 120 г путер или маст, па додајте го во квасецот. Постепено додавајте го брашното и една лажичка сол. Вкупно ќе ви биде потребно околу 450 до 500 г брашно.




Кога веќе нема да може да се меша со лажица, продолжете го месењето со рака. Треба да добиете фино, меко, еластично тесто кое не се лепи на рака. Покријте го со проѕирна фолија и оставете го на топло да стаса 15-20 минути додека да се удвои.




За тоа време пригответе го филот: 450 г свеж спанаќ исчистете го, измијте го и исцедете го, а потоа ситно исечкајте го. Наросете го со една лажичка сол и малку кисело млеко или јогурт.




Во филот додајте и две лажици обично масло за готвење или маслиново масло и 300 г свежо сирење. Спанаќот нема потреба претходно да се обарува, доволно е само ситно да се исечка и да се помеша со останатите состојки.




Промешајте со лажица додека состојките рамномерно да се распоредат, и филот е готов. За тоа време тестото убаво ќе нарасне. Истресете го тестото на набрашнета работна површина и поделете го на два дела.




Од секој дел формирајте топка, а потоа со помош на оклагија развлечете две тенки кори со правоаголна форма (обликувајте ги да бидат приближно еднаква величина затоа што ќе се редат една врз друга).




Филот поделете го на два еднакви делови. Половина од филот распоредете го врз едната кора, рамномерно преку целата површина. Потоа поклопете со втората кора, па врз неа распоредете ја втората половина од филот.

Потоа од подолгата страна внимателно свиткајте го ролатот. Сечете парчиња со широчиња од 1-1,5 см и веднаш редете ги во подготвена тепсија или калап. Подготвената пита оставете ја 10-тина минути да одмори, колку малку да нарасне додека се загрева рерната на 200 степени.

Една жолчка од јајце разматете ја, па со помош на четка премачкјате ја питата одозгора и доколку сакате можете да наросите со малку сусам или некои семки по ваш избор. Ставете да се пече во загреаната рерна на 200 степени околу 20-25 минути. Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ.